Завршува уште една година во која културата, а особено македонскиот јазик, повторно се најде во процеп меѓу декларативна грижа и институционална негрижа. Започнат со големи ветувања, со симболичен и суштински исчекор – донесувањето на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик – но која завршува со чувство дека уште еднаш сме сведоци на истата, хронична македонска болест: ништо што ќе се започне, не се довршува.
Законот беше дочекан со надеж. Конечно, по години игнорирање на јазичната норма во институциите, медиумите и јавниот простор, државата најави системска заштита на македонскиот јазик преку задолжително лекторирање, вработување лектори и формирање Инспекторат за употреба на македонскиот јазик. Законот не беше само административен акт – беше порака дека јазикот, како темел на идентитетот, конечно добива институционална грижа.
Но, реалноста брзо ги разоткри слабостите. Наместо законот да стане алатка за промена, неговата имплементација се претвори во огледало на нефункционалниот систем. Именувањето на Менче Андреева за директорка на Инспекторатот во април 2024 година требаше да значи почеток на практичната примена. Од тој момент, речиси девет месеци, Инспекторатот постои само формално. Нема вработени инспектори. Нема видливи активности. Нема јасни информации до јавноста. Нема национална стратегија за македонскиот јазик. Советот за македонски јазик е формиран, но неговата работа останува невидлива, без јавни резултати, без дебати, без препораки што стигнуваат до институциите.
Најзагрижувачки е финансискиот третман. Буџетот за Инспекторатот, кој според најавите за 2025 година изнесувал околу два милиони денари, за 2026 година е скратен на само 620.000 денари. Поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска јавно укажа дека со ваков буџет „ништо не може да се направи“, дека е потребна измена на актите за целото Министерство да може да постапува по овој закон, но дека тоа не е направено. Дополнително, во текот на минатата година беа донесени измени со кои Инспекторатот практично беше сведен на ниво на одделение, наместо независна институција, со што уште повеќе се ослабна неговата позиција.
Како што дознава Рацин, директорката на Инспекторатот реагирала кај пратениците дека нема дозвола за вработувања, дека се крати буџетот и дека институцијата нема услови да профункционира. Сето тоа создава впечаток дека постои јасна институционална блокада, но без јасно утврдена одговорност.
Во обид да добиеме одговори, до директорката на Инспекторатот Менче Андреева и до Министерството за култура беа испратени детални прашања за тоа што конкретно се работело во изминатите месеци, зошто Инспекторатот не беше оперативен порано, дали бил правно и кадровски подготвен, дали е усогласен со Законот за инспекциски надзор, кога ќе се вработат инспектори, како воопшто се следи примената на законот без надзор, дали граѓаните можат да поднесуваат претставки и што се случува со оние што веќе се поднесени.
Прашања беа упатени и до Министерството за култура: зошто имплементацијата доцни речиси една година, кој сноси институционална одговорност, дали подзаконските акти биле навреме подготвени, дали изборниот процес може да биде оправдување за блокирање на еден системски закон и дали постои реална опасност законот да остане мртво слово на хартија.
Одговори – не добивме. Ни од директорката на Инспекторатот, ни од Министерството за култура.
И токму молкот е најсилниот симптом на (не)културата во која живееме. Култура во која јазикот свечено се прогласува за темел на идентитетот, но практично се остава без институционална заштита. Култура во која законите се носат за да се исполни моментална политичка потреба, но не и за да се спроведат. Култура во која одговорноста постојано се префрла, а резултатите изостануваат.
Македонскиот јазик не е само комуникациска алатка. Тој е, како што велеше Блаже Конески, нашата единствена целосна татковина. Токму затоа третманот кон него не смее да биде половичен, ниту импровизиран. Без функционални институции, без инспекциски надзор, без стратегија и без политичка волја, секој закон останува симбол без содржина.
Прашањето повеќе не е дали имаме добар закон. Прашањето е дали имаме држава што знае да го доврши она што самата го започнува. А додека одговорите изостануваат, македонскиот јазик повторно останува оставен сам на себе – заштитен на хартија, а незаштитен во реалноста.
Ова е прв текст од серијата што ќе следува, а што ќе опфати различни теми од работата на Министерството за култура и туризам. За сите овие теми што ги најавуваме доставуваме прашања до Министерството, од каде што очекуваме одговори.