Романија планира изградба на „Dracula Land“, првиот тематски парк од ваков тип во светот, посветен на легендата за Дракула. Проектот, вреден околу една милијарда евра, ќе се гради во непосредна близина на Букурешт, а се очекува годишно да привлекува околу три милиони посетители, пренесува Daily Mail.
Кога станува збор за вампири, ликот на Дракула речиси неизбежно е првата асоцијација. Иконичниот лик создаден од писателот Брем Стокер доживеа бројни интерпретации – од оригиналниот роман, преку култниот хорор-филм од 1992 година, до современи телевизиски адаптации. Сега, неговиот мит добива нова, современа форма преку голем туристички и културен проект.

Шест тематски зони и најсовремена технологија
Тематскиот парк ќе се простира на површина од 780.000 квадратни метри и ќе содржи шест тематски зони, со повеќе од 40 атракции, изработени со најсовремена технологија.
Отворањето е планирано помеѓу 2026 и 2027 година, иако точниот датум сè уште не е официјално потврден.
Првата зона, Moonlit District, ќе служи како главен влез во паркот и ќе понуди низа содржини, меѓу кои трансилванска железница, двоен карусел, проекциски и дрон-шоуа, како и „холивудска имерзивна изложба за вампири“.
Меѓу останатите тематски целини се Family Kingdom, посветена на митски суштества од целиот свет и наменета за семејства и деца, со 4Д кино-возење и игралишта, како и зоните Трансилванија, Пристаништето Њу Орлеанс и London Town.

Дракулиниот замок – срцето на паркот
Централна атракција ќе биде Дракулиниот замок, кој ќе вклучува ролеркостер, лавиринт, интерактивна изложба, вештачко езеро и брза подземна тура низ катакомби.
Во срцето на паркот ќе се наоѓа голема мултифункционална арена, со продавници, ресторани и забавни содржини распоредени на повеќе нивоа, како и панорамска тераса со поглед кон целиот комплекс.
Просторот ќе може да биде домаќин на фестивали, концерти, спортски настани, па дури и ММА натпревари, а ќе вклучува и високотехнолошки e-sports центар, развиен во соработка со претседателот на Европската e-sports федерација.
Илјадници нови работни места
Според првичните процени, „Dracula Land“ ќе отвори повеќе од 5.000 нови работни места во областа на туризмот, технологијата и услужните дејности. Во првата фаза се очекува паркот да биде посетуван од околу три милиони луѓе годишно.
Проектот е осмислен од Крис Ланге, поранешен креативен директор на познатиот германски Europa-Park, и се смета за еден од најзначајните развојни проекти на тематски паркови што моментално се реализираат во Европа.
„Национален проект со долгорочна визија“
Основачот на „Dracula Land“, Драгош Добреску, изјави дека проектот е повеќе од обичен туристички комплекс.
„Dracula Land ги обединува сите мои искуства од областа на недвижностите – дисциплина, визија и управување со комплексни тимови. Но, уште поважно, тој носи приказна што му дава смисла на секој изграден квадратен метар. За мене, ова е национален проект – симбол дека Романија може и мора да создава знаменитости, а не само обични градежни објекти“, истакна Добреску.
Сличен став изрази и Влад Маринеску, претседател на Меѓународната e-sports федерација, кој нагласи дека „Dracula Land“ ќе ја претвори глобално препознатливата легенда во структурирана, квалитетна и културно вредна атракција.
„Не зборуваме само за тематски парк, туку за културно добро кое ќе ја зајакне позицијата на Романија на светската туристичка мапа и ќе функционира како долгорочен економски двигател“, изјави Маринеску.
Со овој проект, Романија има амбиција еден од своите најпознати симболи да го претвори во модерна легенда со глобално значење.