Кочанскиот рок бенд „Корка“ ја освои наградата на публиката на меѓународниот натпревар за млади музички таленти „Imagine Music Experience“, кој се одржа во Брисел. Бендот беше македонски претставник на овој престижен натпревар за музичари на возраст од 13 до 21 година и освои најмногу гласови во онлајн гласањето.
Ова е прво признание за Македонија на фестивалот по четири години учество.
„Бевме збунети, но пресреќни“
„Кога го слушнавме нашето име, сите бевме збунети, но и пресреќни. Ова е првпат Македонија да освои каква било награда на ваков настан“, изјави вокалистката Анастасија Стојменовска.
Таа додава дека настапот надвор од земјата носи посебно чувство:
„Во Македонија, секако, публиката е поблиска, но кога одиш на друго место, каде никој не те знае, а сепак им се допаѓаш – тоа е навистина силно искуство.“
Недостаток на културен простор во Кочани
Басистот и вокал Ненад Стојанов потенцира дека во Кочани постои публика за алтернативна и рок-музика, но недостигаат услови:
„Кочани е мал град, но желбата за ваква музика постои. Проблемот е што немаме културна инфраструктура. Бендовите немаат каде да се промовираат, и тоа е голем хендикеп.“
Кому ја посветувате наградата?
На прашањето кому ја посветуваат наградата, одговорот беше едногласен и длабоко емотивен:
„Наградата ја посветуваме на Сара Јорданова и на сите кои ги загубија животите во пожарот во Кочани. Тоа многу нè погоди. Сè што ќе правиме понатаму, го посветуваме најпрво на Кочани, а потоа и на Сара“, изјави Стојанов.
Сара Јорданова беше првата тапанарка на бендот „Корка“ и значаен дел од нивниот музички развој.
Поддршка од Музичката младина на Македонија
Од Музичката младина на Македонија велат дека националното финале било организирано со минимален буџет, но со силна поддршка и партнерство со МКЦ и фестивалот „Здраво млади“.
„Горда сум на сите бендови што учествуваа, а особено што успеавме да ја испратиме ‘Корка’. Наградата е апсолутно заслужена – и овде и во Белгија“, изјави Ива Дамјановски од Музичката младина на Македонија.
Бендот најавува турнеја надвор од Македонија во јануари и постепено градење на својот идентитет:
„Не мора сите да нè слушаат, но ако некој слушне за ‘Корка’, да знае за кого станува збор“, велат членовите на бендот.
Во изминатата година „Корка“ го издаде својот деби албум, одржа концерти низ Македонија и Србија и активно учествува во локалната културна сцена. Повеќето од членовите се сè уште средношколци и беа дел од организацијата на дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“ во Кочани, посветен на Сара Јорданова.
На финалето во Брисел настапија и млади музичари од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија и Велика Британија. Победник на натпреварот беше белгискиот рок бенд „Crimson Bullet Generation“.