По долги преговори, патот за воведување на новиот модел за пополнување на редовите на Бундесверот е отворен, а законот што го регулира тоа стапува на сила од 1 јануари.
Бундестагот претходно го изгласа законот за модернизација на вооружените сили, а сега тоа го стори и Домот на покраините, Бундесрат. Останува законот да го потпише претседателот Франк-Валтер Штајнмаер, пренесува dpa.
Од јануари, момчињата од генерацијата 2008 ќе добијат прашалник за регрутација, каде ќе се изјаснат дали се заинтересирани за служба во војската. Прашалник ќе добијат и девојките, но без обврска да одговорат.
Момчињата ќе одлучуваат сами дали сакаат да го служат воениот рок или не.
Бундесверот кон крајот на октомври имал 184.242 активни војници, меѓу кои 12.062 доброволци. Бројот на војници годинава е зголемен првпат по долго време, но според насоките на НАТО, на Германија ѝ се потребни 460.000 војници, од кои 260.000 активни, а останатите во резерва.
Воениот рок ќе трае најмалку шест месеци, со бруто плата од најмалку 2.600 евра месечно. Предвидени се дополнителни поттикнувања за потпишување договор за повеќе од 12 месеци.
Ако интересот за доброволна служба не биде доволен, Бундестагот ќе може со едноставно гласање да ја активира воената обврска, која Германија ја суспендираше во 2011 година.
Уставот не предвидува можност за воведување воена обврска за жените, па за нив секогаш важи начелото на доброволност.