Скопје утрово е прогласено за најзагаден град во Европа, покажува рангирањето на швајцарската платформа „IQ Air“. Со просечна вредност на загаденост од 101, нашиот град се најде на првото место, веднаш пред Сараево и Амстердам. На глобално ниво, Скопје зазема 21. позиција.
Апликацијата „AirCare“ регистрира умерена загаденост, но на одредени мерни станици концентрацијата на ПМ-10 честички надминува 200, што ја прави ситуацијата сериозна за најранливите групи.
Владата ги активираше мерките за заштита на здравјето на населението. Работодавците се препорачува да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години и граѓаните со хронична астма или оние кои прележале срцев или мозочен удар. За оние кои мораат да работат на отворено, препораката е смените да бидат поместени во интервалот од 11 до 17 часот, кога загадувањето благо се намалува.