Кремљ: Путин е подготвен да разговара со Макрон, Франција: И ние сме подготвени

Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за разговори со својот француски колега Емануел Макрон, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руската државна новинска агенција РИА Новости, а Кабинетот на францускиот претседател веднаш ја поздрави оваа најава.

Путин смета дека, доколку постои заемна политичка волја, разговорите меѓу двајцата претседатели може да се гледаат само позитивно, изјави Песков.

Макрон се залага за европско учество во мировните преговори

Во петокот, по завршувањето на европскиот самит во Брисел, Макрон изјави дека за Европа и Украина би било корисно повторно да се воспостави директен дијалог со Путин, со цел Европа директно да се вклучи во мировните преговори, наместо тие да бидат водени исклучиво од Соединетите Американски Држави.

„Во спротивно, ние преговараме со преговарачи кои потоа разговараат со Русите, а тоа не е оптимално“, изјави францускиот претседател.

Украински, американски и европски претставници минатата недела, во недела и понеделник, во Берлин разговараа за можни мировни решенија за Украина, која Русија ја нападна пред речиси четири години.

Во Мајами, за време на викендот, разговорите влегоа во нова фаза. Американските преговарачи имаат намера резултатите од средбите во Берлин да им ги пренесат на руските претставници.

Рускиот преговарач Кирил Дмитриев, по првиот круг разговори, ги оцени преговорите како конструктивни.

Елисејската палата ја поздрави подготвеноста на Путин за дијалог

Француското претседателство ја поздрави изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека е „подготвен“ да разговара со Макрон, додавајќи дека „во наредните денови“ ќе се одлучи за најсоодветните модалитети за реализација на разговорите.

„Добро е тоа што Кремљ јавно го поддржа ваквиот пристап. Затоа, во наредните денови ќе одлучиме за најдобриот начин на негова реализација“, соопшти Елисејската палата.

Париз нагласи дека сите разговори со Москва ќе се водат „со целосна транспарентност“ кон украинскиот претседател Володимир Зеленски и другите европски партнери, и дека целта останува постигнување „цврст и траен мир“ за украинскиот народ.

„Инвазијата врз Украина и тврдоглавоста на претседателот Путин ја прекинаа секоја можност за дијалог во последните три години“, додава Елисејската палата.

„Сега, кога изгледите за прекин на огнот и мировни преговори стануваат појасни, повторно е корисно да се разговара со Путин“, се наведува во соопштението.

Макрон и Путин последен пат телефонски разговараа на 1 јули, првпат по три години, но тогаш само ги констатираа разликите во ставовите.

Зачлени се на нашиот е-билтен