СДСМ алармира: Загадувањето во Скопје излезе од контрола, се бара еколошка и здравствена кризна состојба

Советничката група на СДСМ денеска побара прогласување еколошка и здравствена кризна состојба во Скопје, поради, како што наведуваат, алармантното ниво на загадување на воздухот. Од партијата информираа дека е поднесена иницијатива за свикување вонредна седница на Советот на Град Скопје.

Според СДСМ, додека Скопје со денови е меѓу најзагадените градови во Европа, градските власти не преземаат конкретни чекори и не вложуваат средства во мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.

Советничката Катарина Цаневска Арсовска упати критики и кон премиерот, оценувајќи дека изјавите дека воздухот во Скопје е „почист од оној во Виена“ се во целосна спротивност со состојбата на терен.

За вонредната седница, СДСМ предлага сет итни мерки: бесплатен јавен превоз во деновите со високо загадување, пренамена на буџетски средства за набавка на инвертер клими, како и забрана за греење на дрва и јаглен во населбите каде што постои можност за приклучок на централно греење.

„Бараме да се донесе одлука со која намалувањето на загадувањето на воздухот ќе биде утврдено како приоритет и соодветно да се насочат финансиските средства од Градот Скопје. Досега не се инвестира во проекти за почист воздух, а граѓаните се оставени сами на себе. Не може да има пари за милионски тендери и десетици договори со истите фирми, а да нема средства за здравјето на скопјани“, изјави Цаневска Арсовска.

Зачлени се на нашиот е-билтен