Планирате нов компјутер или мобилен телефон? Купете навреме – се очекува поскапување

Пазарот на компјутерски компоненти во изминатата година поминува низ една од најголемите турбуленции во поновата технолошка историја. Цените на RAM меморијата и SSD дисковите значително растат, главно поради тоа што производствените капацитети сè повеќе се пренасочуваат кон индустријата за вештачка интелигенција (AI).

RAM меморијата и SSD дисковите се основа на секој компјутер – првата овозможува брза обработка на податоци, а втората складирање. Токму овие компоненти се клучни и за функционирањето на современите AI системи, поради што на глобално ниво се јавува недостаток на меморија, особено на DRAM.

Дополнителен проблем е тоа што модерните AI системи користат графички процесори со меморија со висока пропусност (HBM), која е далеку попрофитабилна за производителите. Затоа, сè поголем дел од производството се пренасочува кон AI секторот, а помалку меморија останува за потрошувачкиот пазар.

Големите компании се свртуваат кон AI

Како што објави „Ројтерс“, OpenAI склучил долгорочни договори со Samsung и SK Hynix за снабдување со мемориски чипови за AI-проектот „Stargate“, кој би можел да апсорбира и до 40% од глобалните производствени капацитети.

Компанијата Micron, еден од најголемите производители на мемориски чипови, веќе најави повлекување на потрошувачкиот бренд Crucial, токму поради стратешко насочување кон AI пазарот.

Меморијата поскапа од PlayStation 5

Апсурдноста на ситуацијата најдобро ја илустрира фактот дека на американскиот пазар е поевтино да се купи PlayStation 5 отколку 64GB DDR5 RAM меморија, пишува TweakTown. Технолошките медиуми оваа криза веќе ја нарекуваат „RAMageddon“.

„Не е алчност, туку промена на структурата на пазарот“

Според доц. д-р Здравко Куниќ, експерт за податочна наука и AI, причината не е инфлација или алчност, туку длабока промена во структурата на корисниците на меморија.

„AI серверите трошат повеќекратно повеќе меморија од класичните компјутери. Индустријата нема капацитет истовремено да ги задоволи и AI центрите и потрошувачкиот пазар, па цените природно растат“, објаснува Куниќ.

Анализите покажуваат дека во 2025 и првата половина на 2026 година се очекува раст на цените на меморијата и дисковите од неколку до над 20%, а кај серверската меморија и значително повеќе.

Што значи ова за купувачите?

Не се очекува драстично поскапување преку ноќ, туку постепен раст, кој често ќе се „прикрива“ со помала вградена меморија или помал SSD капацитет во новите уреди.

Според TrendForce:

  • лаптопите во 2026 година може да поскапат од 5 до 15%
  • моделите со повеќе меморија ќе бидат уште поскапи

Counterpoint Research проценува дека глобалните испораки на мобилни телефони ќе паднат за околу 2%, не поради слаба побарувачка, туку поради недостиг на меморија, што ќе резултира со раст на просечната цена од околу 7%.

И кај конзолите не се очекуваат поевтинувања – производителите најверојатно ќе ги задржат или ќе ги зголемат цените.

Иако не се очекуваат шокантни скокови на цените, јасно е дека притисокот врз пазарот на потрошувачка електроника ќе продолжи, барем додека индустријата не се прилагоди на новата реалност што ја диктира развојот на вештачката интелигенција.

Зачлени се на нашиот е-билтен