Коалицијата 381, составена од повеќе партии на националните малцинства во Војводина, денеска побара распишување советодавен референдум за продолжување на процесот на европска интеграција на Србија.
Во соопштението се наведува дека неприсуството на српскиот претседател Александар Вучиќ на Самитот ЕУ – Западен Балкан испраќа јасен политички сигнал дека односите меѓу Србија и Европската Унија се доведени до точка на сериозна недоверба и длабока криза.
„Со години Србија ги исполнува барањата, спроведува реформи и прави политички и економски отстапки, додека Европската Унија применува двојни аршини, постојани условувања и понижувачки однос, без јасна и искрена перспектива за членство“, се наведува во соопштението.
Од Коалицијата 381 оценуваат дека е дојдено време да се прекине политиката на нејасни ветувања и дека за идниот европски пат на Србија треба да се разговара отворено, демократски и одговорно, поради што го бараат распишувањето на советодавен референдум.
Коалицијата 381 ја сочинуваат: Бошњачката граѓанска партија, Партијата на Црногорците, Граѓанскиот сојуз на Унгарците, Сојузот на бачките Буњевци, Српско-унгарскиот сојуз, Сојузот на Бошњаците од Војводина, Сојузот на Југословените и Сојузот на националните заедници.