Денеска последно збогување со актерот Лазе Манасков

Погребот на актерот Лазе Манасков, кој почина на 20 декември на 67-годишна возраст, ќе се одржи денеска на Градските гробишта во Бутел, соопшти Драмскиот театар – Скопје, неговата матична куќа.

Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата во периодот од 11:30 до 12:30 часот, а комеморација во негова чест ќе се одржи на 24 декември во 12 часот, во просториите на Драмскиот театар.

Лазе Манасков е роден на 27 март 1958 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а од 1983 година беше дел од ансамблот на Драмскиот театар, каде што оствари долга и значајна кариера, сè до пензионирањето во 2022 година.

Покрај бројните театарски улоги, Манасков остави силен белег и во филмската и телевизиската продукција. Настапи во филмовите „Големата вода“, „Сенки“, „Исцелител“, „Врба“, „Хомо“ и „Кајмак“, како и во популарни телевизиски серии меѓу кои „Трст виа Скопје“, „Тврдокорни“, „Преспав“, „Фамилијата Марковски“ и „Бистра вода“.

Со својата посветеност и препознатлив актерски израз, Лазе Манасков остави длабока трага во македонскиот театар, филм и телевизија.

Зачлени се на нашиот е-билтен