Албанија силно го поддржува интегрирањето на Македонија во Европската Унија, затоа што двете држави делат заедничка иднина и заеднички регионални интереси, порача министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во прва официјална посета на земјава.
На заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, Спиропали истакна дека европската интеграција е врвен приоритет на Албанија и дека процесот не треба да се гледа како натпревар меѓу земјите од Западен Балкан, туку како заеднички пат.
„Албанија го поддржува интегрирањето на Македонија во Европската Унија затоа што делиме заедничка иднина, но и затоа што стабилна Македонија со силни институции е гаранција за безбедност и стабилност на целиот регион“, нагласи Спиропали.
Муцунски, пак, посочи дека односите меѓу двете земји се на високо ниво, со силни културни врски и интензивна соработка, особено во делот на заштитата на македонското национално малцинство во Албанија.
„Изразувам благодарност за одличната билатерална соработка во однос на заштитата на македонското национално малцинство во Република Албанија. Продолжуваме со заеднички иницијативи кои нè обединуваат и носат конкретни резултати за граѓаните“, изјави Муцунски.
Тој најави и продлабочување на соработката во иднина, вклучително и отворање македонски конзулат во Корча во текот на следната година, откако неодамна беше отворен албански конзулат во Струга.
Спиропали потсети дека Албанија за 13 месеци отворила 34 преговарачки поглавја со Европската Унија, особено во областите на владеење на правото, борба против корупцијата и заштита на малцинствата, оценувајќи дека европската иднина на Западен Балкан е „неизбежна и природна“.
„Географијата нè направи соседи, историјата нè научи да бидеме пријатели, а економијата нè прави партнери“, порача албанската министерка.