Во Преспа откриена најголемата зимска колонија лилјаци во Македонија

При истражување на Македонското еколошко друштво, во соработка со Националниот парк „Галичица“, зимски мониторинг на лилјаци во пештерата Самотска Дупка, на подрачјето на Преспа, се дојде до значајно откритие – утврдена е досега најголемата хибернациска колонија на мал потковичар (Rhinolophus hipposideros) во Преспанскиот регион, со околу 90 единки.

Покрај овој вид, во пештерата биле регистрирани и повеќе единки од големиот потковичар (Rhinolophus ferrumequinum) и остроушестиот лилјак (Myotis blythii), што ја потврдува важноста на овој локалитет како клучно зимско засолниште за лилјаците.

Во Европа се познати 55 видови лилјаци, од кои 30 се регистрирани во Македонија. Во зимскиот период, поради недостиг на храна, тие се повлекуваат во пештери и други природни засолништа, каде паѓаат во хибернација сѐ до првото пролетно затоплување.

Иако често се перцепирани како опасни, лилјаците не претставуваат закана за луѓето, туку имаат клучна улога во природната рамнотежа како природни регулатори на инсектите. Нивното исчезнување би значело зголемување на штетните инсекти и потенцијални ризици за земјоделството, шумите и јавното здравје.

Сепак, лилјаците се меѓу најзагрозените групи на цицачи, а најголемите закани доаѓаат од човечките активности – уништување на живеалишта, сеча на шуми, сушење на водни површини и прекумерна употреба на пестициди.

Мониторингот се реализира во рамки на „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur.

Зачлени се на нашиот е-билтен