Мерките и препораките за заштита од аерозагадување престануваат да важат, откако е прекината епизодата со надминување на прагот на алармирање за ПМ10 честичките во Скопје и Струмица.
Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем, на 22 декември 2025 година среднодневните концентрации на ПМ10 честички се под дефинираниот праг на алармирање од 150 микрограми на кубен метар воздух.
„Епизодата со надминување на прагот на алармирање за ПМ10 честичките е прекината во Скопје и Струмица“, се наведува во соопштението од Министерството.
Со тоа, престануваат да важат и сите мерки и препораки што беа воведени за време на периодот на зголемено загадување, додаваат од Министерството.
Од надлежната институција информираат дека состојбата со квалитетот на воздухот и натаму ќе се следи континуирано, а јавноста ќе биде навремено информирана доколку повторно дојде до надминување на дозволените концентрации.