Најобемната објава досега од случајот Епштајн: 11 000 документи, 400 видеа и истражни материјали

Министерството за правда на Соединетите Американски Држави објави досега најголем пакет документи поврзани со случајот на Џефри Епштајн, во рамки на законска обврска донесена од Конгресот. Новата објава опфаќа повеќе од 11.000 датотеки со вкупна големина од околу 10 гигабајти и вклучува речиси 400 видеа, аудио-снимки, фотографии и истражни материјали.

Станува збор за осма по ред објава од петокот наваму, при што Министерството за правда најави дека документите ќе бидат објавувани постепено, со цел да се заштитат идентитетите на жртвите. Ваквиот пристап предизвика незадоволство и кај демократите и кај дел од републиканците, кои сметаат дека институцијата не го почитува целосно рокот утврден со закон.

Американските и меѓународните медиуми, како и истражувачки редакции, веќе го анализираат обемниот материјал, а се очекува нови детали да излезат на виделина во наредните денови.

Документи од 2020: Трамп на најмалку осум летови со авионот на Епштајн

Меѓу новообјавените материјали се и документи од 2020 година кои упатуваат дека Доналд Трамп патувал со приватниот авион на Џефри Епштајн значително повеќе пати отколку што претходно било јавно познато.

Во електронска пошта од 8 јануари 2020 година, помошник американски обвинител наведува дека Трамп бил наведен како патник на најмалку осум летови во периодот меѓу 1993 и 1996 година, од кои најмалку четири биле во присуство на Гислејн Максвел, подоцна осудена како соработничка на Епштајн.

Еден од летовите од 1993 година наведува само двајца патници – Епштајн и Трамп, додека на друг лет биле запишани само тројца патници, меѓу кои и лице кое во тоа време имало 20 години. Во документите се споменуваат и летови на кои имало жени што подоцна можеле да бидат потенцијални сведоци во судскиот процес против Максвел.

Фотографии без контекст и познати имиња

Дел од документите објавени минатата недела вклучуваат фотографии на кои се појавуваат бројни јавни личности. Министерството за правда не обезбеди дополнителен контекст за нив, поради што не може со сигурност да се утврди кога и каде се направени.

Би-би-си направи преглед на имињата кои досега се појавиле во материјалите, меѓу кои се Ричард Бренсон, Бил Клинтон, Мик Џегер, Мајкл Џексон, Дијана Рос, Кевин Спејси, поранешниот британски принц Ендру, Питер Манделсон, како и самата Гислејн Максвел. Од медиумите потенцираат дека појавувањето на фотографија не значи автоматска поврзаност со кривично дело и дека повеќето од наведените лица ги негирале какви било незаконски активности.

Објавен и пасошот на Епштајн

Во најновата серија документи се наоѓаат и фотографии од американски пасош што му припаѓал на Џефри Епштајн. Пасошот бил издаден во 1985 година и важел до 1995 година, а содржи црно-бела фотографија на која Епштајн е прикажан во костум и вратоврска.

Првата јавна реакција на Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп за првпат јавно се осврна на објавувањето на документите, оценувајќи дека шпекулациите околу нивната содржина претставуваат обид за одвлекување на вниманието од, како што рече, успесите на неговата администрација.

Иако и самиот се појавува во дел од материјалите, Трамп посебно го коментираше појавувањето на фотографии од поранешниот претседател Бил Клинтон.

„Го сакам Бил Клинтон. Не ми се допаѓа да ги гледам неговите фотографии објавени. Тука се и мои фотографии. Сите во тоа време беа пријателски настроени кон Епштајн“, изјави Трамп, додавајќи дека многу луѓе биле фотографирани со него на јавни настани без да имаат сознанија за неговите криминални дејствија.

Трамп повтори дека нема никаква поврзаност со неправилности во случајот и потсети дека односите со Епштајн ги прекинал околу 2004 година, години пред првото негово апсење.

Зачлени се на нашиот е-билтен