Грета Тунберг уапсена за поддршка на спорна организација

Климaтската активистка Грета Тунберг (22) беше уапсена во центарот на Лондон додека учествуваше на протест во поддршка на гладните штрајкувачи од организацијата „Палестинска акција“.

Полициските власти соопштија дека Тунберг била приведена за истакнување транспарент кој ја поддржува забранетата организација, што е во спротивност со член 13 од Законот за тероризам од 2000 година, пренесува Sky News.

На снимки објавени од групата „Затвореници за Палестина“ се гледа Тунберг како држи натпис: „Ги поддржувам затворениците на Палестинска акција. Се противам на геноцидот“ пред главните канцеларии на осигурителната компанија Aspen Insurance.

Според информациите од протестната група, акцијата ја насочиле кон Aspen Insurance затоа што компанијата обезбедува услуги за одбранбената фирма Elbit Systems, која е поврзана со Израел.

Пред да интервенира полицијата, двајца активисти ја попрскале фасадата на зградата со црвена боја, по што следеле приведувања, вклучувајќи ја и Грета Тунберг.

Зачлени се на нашиот е-билтен