Премиерите на Данска и Гренланд јасно порачаа дека Гренланд припаѓа на жителите на територијата и дека САД немаат право да ја анектираат, откако Доналд Трамп назначи специјален пратеник на островот.
„Го повторуваме: националните граници и суверенитетот се вкоренети во меѓународното право. Не можете да анектирате други земји“, рекоа Мете Фредериксен и Јенс-Фредерик Нилсен во заедничка изјава.
Трамп во неделата го назначи гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, како специјален американски пратеник за Гренланд, објаснувајќи дека островот е клучен за националната безбедност на САД. Ландри, поранешен државен обвинител, изјави дека му е чест да ја извршува оваа позиција и дека ќе ја води акцијата за „американизација“ на територијата.
Министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Леке Расмусен, најави дека ќе го повика амбасадорот на САД во Копенхаген за објаснување и го оцени назначувањето како „целосно неприфатливо“.
Европската Унија, исто така, ја поддржа Данска, истакнувајќи дека територијалниот интегритет и суверенитетот се фундаментални принципи на меѓународното право. „ЕУ е во целосна солидарност со Данска и народот на Гренланд“, порачаа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Според анкета од јануари, огромното мнозинство од 57.000 жители на Гренланд сакаат независност од Данска, но не се заинтересирани да станат дел од САД. Територијата има право да прогласи независност од 2009 година.
Фредериксен истакна дека ситуацијата е „тешка“ за Данска, но дека земјата нема да отстапи од демократските вредности и суверенитетот на Гренланд.