Студентите во блокада на високообразовните институции во Србија соопштија дека не бараат избори како политичка цел, ниту со намера да ја преземат власта, туку исклучиво како средство за притисок врз институциите. Според нив, вонредните парламентарни избори не претставуваат дестабилизација, туку обид за стабилизација на општеството преку враќање на суверенитетот кај граѓаните.
Во објава на Инстаграм, студентите нагласуваат дека само ново парламентарно мнозинство, ослободено од притисоци и интереси кои ја довеле државата во актуелната криза, може да создаде услови институциите да функционираат согласно закон и конечно да ги исполнат студентските барања – кои, како што велат, се барања на целото општество.
Тие посочуваат дека во услови кога институциите систематски одбиваат да постапуваат по закон, изборите остануваат единствениот мирен механизам преку кој граѓаните можат да го променат односот на моќ и да овозможат нормално функционирање на системот.
„Во ситуација кога судството, обвинителството, полицијата и извршната власт се лишени од реална самостојност, промената на составот на парламентот и власта станува предуслов за каква било одговорност“, порачуваат студентите.
Тие потсетуваат дека на почетокот на протестите излегоа со четири барања, подоцна додадоа уште две, а на 5 мај официјално побараа и распишување вонредни парламентарни избори.
Студентите во блокада најавија дека на 28 декември на околу 90 локации низ Србија ќе бидат поставени штандови за собирање потписи за распишување вонредни парламентарни избори.
„28.12 – цела Србија ја распишува победата“, порачаа студентите во јавниот повик.