Талог, глодари, лешинари: „убавите зборови“ на премиерот

премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе продолжи да зборува „за убави вести“ и „убави работи“, а „талогот на општеството“ нека прави рилсови и се потсмева. Во истата реченица, медиумите и критичарите ги смести во категорија „талог на ова општество“ што гради новинарски кариери врз „недоследности“. Ако ова се „убавите зборови“, вреди да се погледне што сè излегло од устата на премиерот откако седна во Илинденска број 2.

Убави вести во општество од „талог“

На Форумот на повратници, Мицкоски се обидуваше да нацрта бајковита сцена: успешни повратници, позитивни приказни, „прекрасно парче земја“ во кое конечно ќе биде убаво да се живее. Но кога стигна до медиумите, речникот се претвори во канализација: „дел од медиумите кои што биле, како што рече, ‘талог на ова општество’ ќе се обидат да го исмеваат и да прават рилсови“.

Ваквиот јазик не е случаен лапсус, туку повторлив мотив – истиот тој „талог“ треба да се „исчисти од општеството“, како нечистотија во резервоар, а не како граѓани со различно мислење. Премиер што официјално промовира „10 принципи за заедништво и државно единство“ паралелно оперира со речник во кој критиката станува талог кој треба да се исчисти, а не сигнал што треба да се слушне.

Политички глодари и лешинари” често извираат од устата на премиерот

Најексплицитниот пример за тоа како изгледаат „убавите зборови“ на Мицкоски беше трагедијата во Кочани.

Изјавата која го „прослави“ е „Одредете си цена за вашите деца“ . Тоа е изјава која што никогаш не смее да се заборави. Мицкоски, меѓу другото така им се обратил на родителите на мртвите деца и на уште двесте тешко повредени во пожарот во дискотеката во Кочани, очи во очи, со луѓето кои во очај дојдоа кај него на 7 јули оваа година, за да му кажат дека очекуваат целосна, темелна истрага и правда.

Уште една изјава на темата за смртта на младите во дискотеката „Пулс“ за премиерот е „болна“. Но наместо транспарентност тој побара „темата да ја оставиме на политичките глодари и лешинари“. Цитатот е буквален: „Ве молам, таа тема да ја оставиме на политичките глодари и лешинари“ – луѓето што бараат целосна видео-снимка од средбата со родителите ги претвора во мршојадци околу телата на нивните деца.

И тука не е сам. Во друго јавување, Мицкоски зборува за „политички лешинари“ кои ја злоупотребуваат судбината на родителите на загинатите деца за ситни поени. Наместо да го тресе системот по трагедија, премиерот ги тресе метафорите: глодари, лешинари, мршојадци – богат зоолошки речник, сиромашно чувство за одговорност.

“Нож во белите дробови” и “шајки во раце и нозе”

Кога станува збор за надворешна политика и францускиот предлог, Мицкоски не се задоволува со „силна критика“ – оди до симболички слики блиски до религиско распнување. За Бујар Османи и прифаќањето на предлогот, зборува дека „директно стави нож во белите дробови на македонскиот идентитет“ и дека се заковаа „шајки во рацете и нозете на македонскиот идентитет“.

ДУИ не реагира само како партиски опонент, туку предупредува дека ваквата реторика е опасна за лидер „кој треба да ги обедини граѓаните, а зборува со слики на ножеви и шајки во рацете и нозете“. Во мултиетничка држава каде религиската и националната симболика лесно се претвора во реална омраза, премиерот ја игра играта „колку подлабоко ќе бодеме, толку повеќе аплауз“.

Политички аналфабети, биолошки минимум и маргинални ликови”

Кога некој не се согласува со него, Мицкоски нема проблем да ја подигне реторичката тупаница. За оние што не го разбираат или не го прифаќаат неговиот став за меѓународните договори, има готова квалификација: „или се политички аналфабети или не треба да се занимаваат со политика“. Разликата меѓу политичка грешка и политичка аналфабетија е разлика меѓу дебата и чисто лична дисквалификација.

За СДСМ зборува дека е во „историски дебакл“, дека ќе доживее „политички потоп“ и дека како партија е „под својот биолошки минимум“. Не му е доволно да го победи опонентот – потребно му е да го опише како организам што е на раб на биолошко исчезнување.

Паралелно, „новите лица“ и критичари во јавноста добиваат етикети како „маргинални ликови“ и „егзибиционисти во политиката“ кои се водени од „лукративни мотиви“. Наместо да се спротивстави со аргумент, Мицкоски ја завршува работата со една реченица: маргинални, егзибиционисти, глодари, талог – речиси да нема категорија во која некој не е сведоволно деградиран.

„Талогот“ како политика, а не како лапсус

Списокот може да продолжи: новинари кои се „талог“ и неосновани критичари, опозиција која шири „лаги и измислици“, соговорници кои „глумат жртви“ и пишуваат „анонимни писма“, политички противници кои ќе се соочат со „последици што нема да ги сноси тој, туку државата“. Моделот е ист: секоја критика прво се дискредитира лично, па потоа, ако остане време, се одговара на прашањето.

Иронијата е што ист премиер, по истите настапи, објавува манифести за „правна држава“, „крај на партизација“, „национално и државно единство“ и на сите им објаснува дека сака да зборува за „убави работи“. Ако вака делува политичар во „убав“ режим, што останува за деновите кога ќе одлучи да биде искрен?

Зачлени се на нашиот е-билтен