Македонците удавени во антибиотици и неспремни за супербактерии

Во земја каде што настинката често се третира како „сигурно бактериска“, антибиотикот одамна престана да биде последна опција и стана прв избор. Лани, според Фондот за здравствено осигурување, издавањето на „Сумамед“ пораснало за 23 отсто – лек кој, по медицинска логика, треба да остане „резерва“ кога другото не помага, а не рутина за секоја кашлица.

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, најави дека во 2026 година треба да профункционира е-рецептот, иако беше најавуван и за годинава. Најавата доаѓа со јасна порака до матичните лекари: капитациониот бод е покачен, платите се повисоки, а сега се очекува „поголема одговорност“ – и ригорозна казнена политика ако се надминат квотите за препишување антибиотици и анксиолитици.

Е-рецептот, според Клековски, треба да донесе „позадинска контрола“ на индикациите и дозирањата, токму таму каде што системот губи пари и здравје: несоодветно препишување и издавање поголеми количини од потребното. Системот веќе бил тестиран кај матични лекари и аптеки, а се чекаат уште два правилника од Министерството за здравство. Дополнително, тој тврди дека дигиталната трага ќе ги заштити и лекарите од притисокот на осигурениците да добијат „одреден лек“, без оглед дали им треба.

Но, антибиотиците се само еден видлив симптом на пошироката дијагноза: Фондот, како што самиот Клековски признава во медиумски настапи, „крвари на многу места“. Спомена загуби од лажни рецепти на позитивната листа (50 милиони евра), лажни боледувања (80 милиони евра годишно, само од Фондот) и неконтролирана болничка употреба на лекови – и ги повика граѓаните да пријавуваат злоупотреби.

Паралелно, во контролите кај дел од приватните ординации се појавува уште една позната шема: двојна наплата – и од пациентите, и од ФЗО. Според изјавите пренесени од Телма, во одредени приватни гинеколошки ординации се наплатувале 500 до 1.000 денари за услуги што треба да бидат бесплатни за осигурениците, а најавена е и координација со УЈП за контроли во фискалниот дел.

Токму во ваква средина – каде што антибиотикот лесно се „пушта“, а контролата доаѓа постфактум – се раѓа терминот што јавноста го препознава како „супербактерии“. Тоа е антимикробна резистенција: бактериите престануваат да реагираат на лекови, инфекциите се лекуваат потешко, а медицината се враќа чекор назад. СЗО предупредува дека бактеријалната резистенција била директно одговорна за 1,27 милиони смртни случаи во 2019 и придонела за 4,95 милиони смртни случаи, при што злоупотребата и прекумерната употреба се главните двигатели.

Во Европа, бројките веќе одамна не се „теорија“. ЕЦДЦ проценува дека повеќе од 35.000 луѓе умираат годишно од инфекции со резистентни микроорганизми во ЕУ/ЕЕА, со раст на смртноста особено кај резистентност на „последна линија“ терапии.

Северна Македонија не е надвор од оваа карта. ЕЦДЦ во 2025 направи и посебна посета за унапредување на „One Health“ одговорите против резистенцијата, со акцент на регулатива, лабораториска инфраструктура, интероперабилни електронски системи за надзор, човечки ресурси и кампањи за подигнување свест – токму оние столбови без кои е-рецептот може да остане само техничка новина, а не здравствена реформа.

Прашањето, затоа, не е дали ќе се воведе е-рецепт, туку како ќе функционира во пракса: дали ќе има вистинска клиничка контрола, дали квотите ќе се применуваат рамноправно, дали аптеките и ординациите ќе се држат до правилата, и дали пациентите конечно ќе добијат јасна порака дека антибиотик не е „брзо решение“, туку последна линија кога медицината тоа го бара.

Зачлени се на нашиот е-билтен