И покрај напредната технологија и вештачката интелигенција, дел од најстарите писмени траги на човештвото и понатаму остануваат неразбирливи – неми сведоци на исчезнати цивилизации.
Дали сакате загатки? Замислете дека некој ви подава целосно непознат код – без речник, без граматика, без превод. Токму со ваков предизвик секојдневно се соочуваат археолозите и лингвистите кога станува збор за одредени древни јазици и писма. Тие и денес остануваат неразрешена мистерија – и покрај современата наука и развојот на вештачката интелигенција – сведочејќи за високо развиени култури чие писмо го гледаме, но не можеме да го разбереме.
Лингвистката Свенја Бонман од Универзитетот во Келн се занимава со историско-споредбена лингвистика и со обиди за дешифрирање на ваквите јазици. Во интервју за Deutsche Welle, таа вели дека ваквите нерешени јазични системи се меѓу најголемите интелектуални предизвици на науката.
„За мене е особено привлечно кога пред себе имам интелектуална загатка која е толку сложена што не успеале да ја решат ни најострите умови“, вели Бонман. „Преку ваквите писмени траги добиваме пристап до култури што одамна исчезнале – тоа е како еден вид временска машина преку која барем пасивно комуницираме со минатото.“
Кога недостасува контекстот
Една од најголемите пречки во дешифрирањето е недостатокот од доволно материјал. Бонман моментално го истражува епи-олмечкото писмо, кое се користело на јужниот брег на Мексиканскиот Залив. Иако симболите укажуваат на рано развиен писмен систем, примероците се малубројни, а нивниот контекст е нејасен, што го прави дешифрирањето речиси невозможно.
Слична е состојбата и со индското писмо на харапската култура, на просторот на денешен Пакистан и северозападна Индија. Ова писмо се појавува на стотици печати и керамички фрагменти, но речиси секогаш во многу кратки низи. Дали зад нив стои целосно развиен јазик или само симболички систем – прашање што и натаму ги дели научниците.
Јазик што се чита, но не се разбира
Етрурскиот јазик, кој се користел во античка централна Италија, е уште еден пример. Писмото може да се чита, бидејќи е изведено од грчката азбука, но самиот јазик речиси и да нема познати сродници. Поради тоа, значењето на натписите и понатаму е во голема мера непознато.
Особено апстрактно е и писмото ронгоронго од Велигденскиот Остров – визуелен систем со претстави на птици, луѓе и орнаменти, зачуван само на неколку дрвени табли, делумно оштетени.
Од подрачјето на денешен Иран потекнува и прото-еламското писмо – најраната позната традиција на пишување и администрација во регионот на древен Елам. Иако знаците се каталогизирани, текстовите се фрагментарни, најчесто административни, а јазикот зад нив не припаѓа на ниту една позната јазична фамилија.
Тајните на Крит и Фестос
Минојската култура на Крит користела три различни писма. Само линеарното Б е дешифрирано, бидејќи претставува ран облик на грчкиот јазик. Но линеарното А и критските хиероглифи и денес остануваат мистерија.
Посебно место зазема и Фестоскиот диск – уникатен глинен предмет од второто милениумие пред нашата ера, со спирално распоредени симболи. Токму поради тоа што е единствен примерок, систематско дешифрирање е речиси невозможно.
Клучот што недостасува
Сите овие писма имаат еден заеднички проблем – недостасува „клучот“, односно нешто слично на Каменот од Розета, каде ист текст е запишан и на познат и на непознат јазик. Без вакви паралели, поврзувањето на знаците со гласови или значења е исклучително тешко.
Сепак, Бонман потсетува дека постојат исклучоци. „Двoјазични текстови не се секогаш неопходни, но потребен е некаков историски континуитет – имиња на места, владетели или богови. Тогаш дешифрирањето станува возможно“, вели таа, повикувајќи се на успехот со линеарното Б.
Ограничувањата на вештачката интелигенција
Иако вештачката интелигенција често се посочува како потенцијално решение, нејзината примена е ограничена. Таа може да препознава обрасци, да анализира зачестеност и да реконструира оштетени делови, но за тоа ѝ се потребни големи количини податоци – нешто што кај овие писма недостига.
„Со мал број натписи, вештачката интелигенција брзо ги достигнува своите граници“, предупредува Бонман. Таа додава дека ваквите системи најчесто ги реорганизираат веќе познатите информации, создавајќи илузија на интелигенција, но без вистинско разбирање.
Загатки што можеби ќе останат нерешени
Можеби токму во тоа е нивната магија. Овие јазици потсетуваат дека, дури и во ерата на алгоритмите, дел од гласовите на минатото остануваат тивки.
„Луѓето се единствени суштества што имаат свест за историјата – се прашуваме од каде доаѓаме и каде одиме“, вели Бонман. Токму затоа, обидот да се разберат исчезнатите цивилизации преку нивните јазици не е само научен предизвик, туку суштинско прашање за човечкото постоење.