Анализа на (не)културата во Македонија

Пари има, проект има, ама нема реализација за изградба на нов прилепски театар

Прилепски театар

Осум месеци откако објектот беше затворен поради небезбедни услови, Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ останува заглавен во институционална тишина. Без сцена, без јасен план и без одговор – дали ќе се гради нов театар, ќе се реконструира постојниот објект или Прилеп ќе продолжи да живее без својата најважна културна институција.

Проект – има. Пари – има. Но реализација – нема.

Проектот за изградба на нов театар во Прилеп постои со години. Финансиски средства биле предвидени преку т.н. ТАВ-пари, а објектот требало да се гради веднаш до Домот на културата, на локацијата каде сега се наоѓа кафулето „Арт“.

Но, седум години се „тапка во место“. Причината, според повеќе извори, е неспособноста – или неволноста – на Општина Прилеп да го смени Деталниот урбанистички план и да го дислоцира привремениот објект.

Додека процедурите се влечат, театарот е затворен, актерите остануваат без сцена, а публиката без културен дом.

ТАВ-пари: каде се и до кога важат?

Според договорите, средствата од ТАВ можат да се користат до крајот на 2026 година, доколку дотогаш не бидат пренаменети. Прераспределбата, пак, не е во рацете на локалната власт – туку исклучиво на Владата и Министерството за транспорт. Дел од тие средства, како што е познато, веќе биле пренасочени за изградбата на болницата „8 Септември“.

За културата, конкретно за Прилепскиот театар, во актуелниот буџет не се гледа јасна ставка.

Министерството за култура – повторно без одговор

Во обид да добиеме официјални и конкретни информации, се обративме и до Министерството за култура. Прашањата беа јасни, прецизни и директно поврзани со проект кој е дел од изборната програма на ВМРО и од долгорочната програма за култура за периодот 2025–2034 година.

Прашавме:

– Зошто, и покрај готовиот проект, реализацијата сè уште тапка во место?
– Како ќе се реши проблемот со ДУПОТ за проектот конечно да се придвижи?
– Дали во буџетот за оваа година се предвидени средства за изградба на театарот и дали се планираат во наредниот буџетски период?
– Дали постои јасен временски план за изградба, особено имајќи предвид дека театарот во Прилеп е затворен?
– Дали Министерството обезбедува техничка или законска поддршка за инфраструктурните интервенции (водоводни реконструкции и дислокација на објекти)?
– Како ќе се обезбеди континуитет во работата на прилепскиот театар додека новиот објект не биде изграден?

Одговор – повторно нема.

Театарот не е зграда – но зграда мора да има

Македонија одамна има проблем со системско запоставување на културата, но случајот со Прилепскиот театар станува симбол на поширока институционална нефункционалност.

Осум месеци Прилеп живее без своето културно тело.
Град без театар е град без глас.

Ова не е административно прашање.
Ова е прашање на културно достоинство.

Време е институциите да престанат да молчат и конечно да одговорат:
Ќе добие ли Прилеп нов театар – или и нив ќе ги снајде слична судбина да бидат потстанари како Националиот џез оркестар?

Овој текст е дел од серијалот текстови посветени на различни теми од работата на Министерството за култура и туризам.

Зачлени се на нашиот е-билтен