Разорни бури ја погодија Калифорнија: најмалку три жртви, масовни поплави и вонредна состојба

Обилните дождови што изминативе денови зафатија големи делови од Калифорнија предизвикаа сериозни поплави и лизгање на земјиштето, при што животот го загубија најмалку три лица, објави Би-би-си.

Бурниот временски систем, кој според прогнозите ќе продолжи до петок, донесе и до 27 сантиметри дожд во делови од округот Лос Анџелес. Како последица, надлежните наредија евакуации, а бројни главни сообраќајници беа затворени.

Службите за итни случаи спроведоа повеќе спасувачки акции, меѓу кои и интервенции за извлекување лица заробени во возила поради наглото надоаѓање на водата. Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, во средата прогласи вонредна состојба во Лос Анџелес и во уште неколку окрузи во Јужна Калифорнија.

Поради невремето, околу 100.000 жители останаа без електрична енергија од четвртокот вечерта. Националната метеоролошка служба на САД предупреди на можни нови и обемни поплави, посочувајќи дека бројни потоци може да надојдат и да ги погодат и поголемите реки.

Меѓу жртвите е 64-годишен маж од Сан Диего, кој загинал откако врз него паднало дрво. За време на викендот, 74-годишно лице го загубило животот во поплавите во Рединг, додека полицијата се обидувала да го извлече од возило. Во понеделникот, жена во седумдесеттите години починала откако била однесена од силен бран од карпа во океанот, во државниот парк Макеричер во округот Мендосино.

Предупредувања за евакуација се на сила за делови од округот Сан Бернардино, а издадени се и итни предупредувања за ненадејни поплави во областа на заливот Сан Франциско. Според податоците од опсерваторијата во близина на Сан Хозе, налетите на ветерот надминале 161 километар на час.

Во Алтадена, во близина на Лос Анџелес, регистрирано е лизгање на земјиштето во подрачје со уништена вегетација, кое претходно било зафатено од голем пожар во јануари годинава, што дополнително ја намалило способноста на почвата да апсорбира вода.

Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, исто така прогласи вонредна состојба и упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни, особено за време на празничните патувања.

„Ги повикувам сите жители на Лос Анџелес да останат безбедни и да бидат исклучително внимателни на патиштата доколку мора да патуваат. Ве молам, не ја сфаќајте оваа бура несериозно“, порача Бас.

Зачлени се на нашиот е-билтен