Повеќе од 2.000 прогнози, извлечени од анализи, извештаи, подкасти и интервјуа на водечки светски институции и експерти, се обединети во најновото издание на „Кoнсензус на прогнози“, кое седма година по ред го објавува Visual Capitalist. Целта е јасна: од морето предвидувања да се издвојат темите околу кои постои најголема согласност за годината што доаѓа – 2026.
Во анализата се користени извори како Morgan Stanley, Goldman Sachs, ММФ, The Economist, Deloitte, Microsoft, Gartner и уште десетици други релевантни актери. Резултатот е мапа од 25 клучни теми со висок степен на усогласеност меѓу прогнозите – глобална слика што директно влијае и врз помалите економии, вклучително и Македонија.
2026: година на претпазлив оптимизам во нестабилен свет
Ако 2025 беше година на прилагодување – на повисоки каматни стапки, геополитички поместувања и приземјување на еуфоријата околу вештачката интелигенција – тогаш 2026 се профилира како година на консолидација и последици.
Morgan Stanley ја нарекува 2026 „година на повторно преземање ризик“, во која инвеститорите постепено го префрлаат фокусот од макро-стравови кон конкретни економски показатели и профитабилност. Фискалните стимуланси, побавното монетарно олабавување и дерегулацијата создаваат, како што велат аналитичарите, „политички триумвират“.
Од друга страна, The Economist предупредува дека светот ќе остане длабоко неизвесен, со слабеење на поредокот заснован на правила и ширење на „сиви зони“ на конфликти – од сајбер-просторот до вселената.
Заклучокот е јасен: ризичните инвестиции можат да растат, но геополитичката позадина ќе остане турбулентна – фактор што и за земји како Македонија значи внимателно балансирање меѓу можности и ризици.
Вештачка интелигенција: од алатка до „дигитален колега“
Трета година по ред, вештачката интелигенција е доминантна тема во прогнозите – но фокусот се менува. По фазата на прашања дали станува збор за хип (2024) и фазата на масовна примена (2025), 2026 се означува како година на длабока интеграција и реални последици.
Deloitte прогнозира дека до крајот на 2026 дури 75% од компаниите би можеле да инвестираат во таканаречена „агентна AI“ – автономни системи што планираат, делуваат и се прилагодуваат со минимален човечки надзор. Овие системи стануваат „дигитални колеги“, драстично зголемувајќи ја продуктивноста, особено кај малите тимови и стартапи – модел што може да биде особено релевантен и за македонскиот ИТ-сектор.
Microsoft, пак, предвидува сценарио во кое тим од само три лица може за неколку дена да лансира глобална кампања, додека AI ја презема аналитиката и продукцијата на содржини.
Morgan Stanley очекува дека ефикасноста водена од AI ќе стане директно мерлива преку раст на добивките, а приходите од генеративна AI во софтверскиот сектор би можеле да пораснат повеќе од 20 пати во наредните три години.
Сепак, расте и загриженоста – особено меѓу таканаречените „knowledge workers“, бидејќи AI сè подлабоко навлегува во професии што досега се сметаа за релативно безбедни.
Финансиските пазари: раст на бранoт на AI
Консензусот на Волстрит за 2026 е изненадувачки оптимистичен. За индексот S&P 500 се прогнозира значителен раст:
- Morgan Stanley: 7.800 поени (+15%)
- JPMorgan: 7.500 (+11%)
- UBS: 7.500 (+11%)
- CFRA: 7.400 (+10%)
- Bank of America: 7.100 (+5%)
Клучниот двигател, според аналитичарите, нема да бидат високите вреднувања, туку растот на заработката. Bank of America прогнозира раст на добивката по акција од 14%, додека Morgan Stanley очекува EPS од 317 долари во 2026 – раст од 17%.
Златото во „супер-циклус“
Златото останува еден од најпосакуваните безбедни инструменти. Morgan Stanley таргетира цена од 4.500 долари за унца, додека Светскиот совет за злато посочува дека во 2025 се забележани повеќе од 50 историски ценовни рекорди.
Главните двигатели се:
- масовно купување од централните банки,
- геополитичко хеџирање,
- загриженост за фискалната одржливост.
Во понеповолен фискален сценарио, цената на златото би можела дополнително да порасне за 15 до 30 проценти – тренд што индиректно влијае и врз девизните резерви и финансиската стабилност на помалите економии.
Економијата: „меко приземјување“
ММФ очекува глобален економски раст од 3,1% во 2026, без влегување во рецесија. Развиените економии би растеле околу 1,5%, додека земјите во развој би задржале раст над 4%.
Инфлацијата постепено се намалува, а централните банки ја олабавуваат монетарната политика – но без драматични и агресивни резови.
Геополитика и трговија: царините како нова нормалност
Царините стануваат трајна карактеристика на глобалната економија. Реципрочните царини воведени од администрацијата на Доналд Трамп ја зголемија ефективната царинска стапка на 12,1% – највисоко ниво од 1934 година наваму. Ланците на снабдување се пренасочуваат, а трговијата сè повеќе се користи како геополитичко оружје.
Кина, соочена со дефлација и криза во секторот за недвижности, и понатаму се потпира на извозот, што дополнително ги зголемува глобалните тензии поради вишок индустриски капацитети.
Што вреди да се запамети
Прогнозите ретко ги погодуваат деталите, но речиси секогаш ги погодуваат темите. Консензусот за 2026 јасно укажува на свет во кој:
- вештачката интелигенција влегува во фаза на длабока интеграција,
- пазарите растат, но со концентриран ризик,
- златото останува клучен заштитен механизам,
- геополитиката и трговијата продолжуваат да бидат извор на нестабилност.
Токму во таков глобален контекст институциите, инвеститорите и креаторите на политики – и на големо и на мало – ги позиционираат своите потези за годината што доаѓа.