Легендарниот црвен киоск повторно во центарот на Белград – виршли „како некогаш“, по денешни цени

Легендарниот црвен киоск К67 повторно се појави во срцето на Белград. Овојпат не само како експонат или туристичка атракција, туку како функционален објект што нуди „виршли како некогаш“. Сепак, носталгијата очигледно има своја цена – киоскот е поставен пред трговскиот центар „Рајиќева“, а хот-догот чини 400 динари, што кај дел од белграѓаните предизвика повеќе коментари отколку воодушевување.

Киоскот К67 е дизајниран од словенечкиот архитект и индустриски дизајнер Саша Мехтиг (Saša Mächtig), кој во 1967 година победи на конкурсот „Белградски киоск“. Со текот на времето, црвениот киоск прерасна во еден од најпрепознатливите симболи на Белград и во еден од најуспешните примери на југословенски индустриски дизајн.

Неговата вредност одамна ги надмина локалните рамки – К67 е дел и од колекцијата на Музејот на модерна уметност во Њујорк (MoMA). Вкупно се произведени околу 7.500 примероци, а благодарение на ентузијастите кои поднесоа петиција до фабриката, киоскот доби и свое место меѓу популарните LEGO модели.

Иронијата на приказната е што самиот автор од овој глобален успех немал голема материјална корист – како што самиот има изјавено, инфлацијата ја „изела“ заработката. Денес, пак, киоскот се враќа во јавниот простор како симбол на едно време, но и како потсетник дека носталгијата, во новиот контекст, ретко доаѓа по стара цена.

Зачлени се на нашиот е-билтен