По речиси три децении доминација, култната божиќна песна „All I Want for Christmas Is You“ на Марaја Кери годинава го загуби првото место на листата на најстримувани сезонски песни на Spotify.
На врвот за декември 2025 година се искачи баладата „Snowman“ на австралиската пејачка Сијa, со што беше прекината долгогодишната владејачка позиција на Марaја Кери, пренесува Euronews.
„Snowman“, објавена во 2017 година на албумот „Everyday Is Christmas“, е нежна поп-балада водена од пијано, која со години постепено ја зголемуваше својата популарност. Оваа празнична сезона, песната доживеа вистински подем и стана најстримуваната божиќна песна на Spotify.
Иако годинава е симната од врвот, од Spotify нагласуваат дека Марaја Кери и понатаму ја држи титулата на најстримувана божиќна песна на сите времиња, како и второто место на декемвриската листа за 2025 година.
На третото место се најде култната „Last Christmas“ на групата Wham!, додека четвртото и петтото место ги зазедоа „Let It Snow! Let It Snow!“ на Дин Мартин и „It’s the Most Wonderful Time of the Year“ на Енди Вилијамс.
Сијa, со полно име Сијa Кејт Изобел Ферлер, ја започна својата музичка кариера во 1990-тите како дел од бендот Crisp, а светската слава ја стекна во 2014 година со хитот „Chandelier“. Покрај соло-кариерата, таа е и еден од најбараните автори на песни, соработувајќи со ѕвезди како Ријана, Бијонсе и Кејти Пери.
Во текот на кариерата, Сијa е девет пати номинирана за наградата Греми и е добитничка на бројни музички признанија.