Тест: Дали сте псиоптирани?

псиоптирани

Некој, обичното живеење веќе ни го направил така нестабилно со постојаните менувања политики, што човек се чувствува загрозен од политичарите, политиките, па и самите предзнаци на политичките концепти.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Денешните методи на пропагандата се како Кристофер Нолан да режира и Ле Карѐ да пишува. Некој одозгора ни поставува Inception – (бе)смисла во обичното живеење, со Tinker Tailor Soldier… – матеница. Некој, обичното живеење веќе ни го направил така нестабилно со постојаните менувања политики, што човек се чувствува загрозен од политичарите, политиките, па и самите предзнаци на политичките концепти.

Политичкото како да стана егзистенцијално, но уште од почетокот не може ни најосновен carpe diem да си спроведете по прашањето, освен ако не сте специјална олигархиска пудлица или самоубиствено храбра будала со барем малку заби. Обучени шпиони веројатно не сте. Затоа сите сме ем крајно „исполитизирани“, ем „мене политика не ме интересира“. Навистина, просечен граѓанин примарно си сфаќа дека интересирањето за политиката носи егзистенцијална опасност, со оглед дека партиите упорно на дело покажуваат дека се мафии. И така, граѓанинот се обидува да ја избегне таа острица и тоа избегнување е, навидум, доста успешно. Но, нема мир. Одеднаш, го спопаѓа некој закон, некое правило, некоја несреќа… Ако е за друга категорија луѓе и не се однесува на него, пак ќе замижи, оти целта била да се избегнат егзистенцијалните замки и да се има мир. Ќе се сложи и со евентуална понудена пропаганда дека од несреќата ќари некоја конкурентна мафија, а од новиот закон или правило пати некоја политичка категорија (еј, па друга мафија, ок?) и уфф, за малце се извлекол граѓанинот, ок, мииирр, ооо, добро е.

Но, ако е за него лично… Па, пак добро, ќе истрпи, оти само ако почне да бара слични на себе, веќе е политички активен. И тоа е „крај на детството“. Не, не, што и да е, ќе истрпи, инаку ќе треба да се исече на другата острица – да прифати дека се занимава со политика и да е обележан од „мафииите“ дека се занимава со политика. О, Господе, зарем нема трето?

Е, нема. Ова воопшто не е ни лажна дилема. Стварноста не ни толку плитка. Ова е псиоптирање од нулти степен (македонизирав изведенка од psy-op), кадешто најбаналниот конфликт помеѓу слободата и безбедноста е сосила издраматизиран како да сме во турско. Ја имате само длабочината на „четвртиот Њутнов закон“: Како и да се свртите, задникот ви е одназад. Егзистенцијалната загрозеност се чувствува во секој случај и таа не зависи од активноста или неактивноста на нејзиниот сопственик. Но, сепак, прашањето за причинителот на чувството за егзистенцијална загрозеност воопшто не е црно-бело како привидот за сопствената неутралност или ангажираност. Чувството на загрозеност е недискретно, fuzzy, како на потенциометар, при што сопственикот на тоа чувство воопшто не ги управува меѓустепените, како што не ги управува ни нултата позиција, ни максимумот. Тој би можел и да се види како мало чамче на немирно море, фрлано ваму-таму, со, за него, случајни вредности на некој потенциометар на егзистенцијална загрозеност.

Сепак, упорно, живот мил, се обидува да најде шема, најбезбедна можна! Има ли посеопфатна шема освен да се залепи за најгрдата, најбруталната „мафија“, макар и рекетиран финансиски и морално? Се исплатува ли? Тогаш зошто постојат другите „мафии“, будали ли се? „Будали се, па ако треба и ќе го трубам тоа. Се исплатува. Точка. Не постои ништо, освен мојот опстанок“. Псиоптираните на овој степен, да го наречеме прв степен после нултиот, го одлучуваат ова дефинитивно, како животна патека. Ако треба и ќе бидат „пропелери“, но „јас сум секогаш блиску до власта“ е животното мото. Нема пирамида на Маслов за оваа псиоптика, бидејќи само егзистенцијалната основа не може ни малку да ги даде обрисите на останатиот дел од пирамидата. Слободата е беспотребно продадена за каква-таква безбедност. Но, факт е дека луѓето не се диви животни. Без оглед, обрисите на тој факт исто така се матни на ова ниво на псиоптираност. Живеење вака, со психо-филозофско саморазбирање како диво животно, сепак, за многумина не е опција.

Но, навистина, зошто постојат други „мафии“, ако не се ефикасни егзистенцијално да ве заштитат? На ова прашање се пребиваат сите што успеале да ги прозрат или се извлечат од нултиот или првиот псиоп. Но, во себе знаат – затоа што постојат вредности кои не се вртат околу опстанокот, а организирањето навистина не мора да биде со фетишот пари како сигурност, или, не дај боже, како престиж (безбедност од динамика на материјална моќ). Но, ако организацијата не штити, тогаш и самата не се штити, а тогаш е во постојано распаѓање, не? Но, тогаш, зарем секогаш сме на бришан простор? Се разбира. Секогаш! Мафија или најдоблесна организација, нашата припадност, неприпадност, поддржување, симпатии, итн., сѐ на сѐ – нема врска. Нејзината насока кон секоја единка мора да нема врска, за единката да има слобода, а единствено таа врска е значајна кога единката се псиоптира (како коњче со граничници) да се фокусира исклучиво на сопствената сигурност.

Парадоксално, ништо не е во ваши раце и воедно цел живот ви е в раце, да се сетите дека и непсиоптирани сте во позиција на еден Ле Карѐов лик кој континуирано е во „квантна суперпозиција“ на пуштање и непуштање низ вода со дополнителна компликација од Ноланова итерација на реалноста. Овој псиоп од понапреден степен е техника на мета-псиоп. Таа ги таргетира свесните за псиоп врз нив. 

Веднаш да е јасно, се работи за одбраната од псиоптирање наспроти одбраната од одбрана од псиоптирање. Психолошки, ова е тест за романтичноста на објективистите, реалистите, рационалистите…И, да дивергирам малку сега, затоа на мажите им е потешко да се извлечат – општеството е патерналистички романтизирано и ретко кој маж чувствува искрена одбивност кон романтиката на јунакот на објективноста, реалистичноста, рационалноста… Објективноста и нејзините сестри се сметаат за машкост, некаква паметна цврстина во новото време, мека алфа за моќ. Дури и, некои жени инстинктивно наоѓаат дека со намерни необјективни „испади“ може да изгледаат поженствено (каква грешка)!

Да се вратам, еден класичен вљубеник во објективноста бргу ќе препознае типичен псиоп како од книга, па ќе гледа да се одбрани, сметајќи дека воедно ја брани и изворната нападната вредност којашто ја препознава во својот вредносен систем. Во одбраната, ќе проговори „принципиелно“. И тука е замката да биде инструментализиран. Одбрана од псиоп може да се претвори во псиоп, ако се користи автоматски. Опасноста е што е можно да ја дискредитира рамката во која пораката би била легитимна, преку инструментализирање на истата, користејќи авторитет за принципи и објективност, а којшто би наседнал да ја испрати. Затоа што, првиот емитер нема да е вљубеник во објективноста и принципите туку вредносно зомби, пропаганден манипулатор. Допрва вториот емитер е носител на псиоп виралноста, не само заради авторитетот, туку бидејќи и ќе изнајде автентични аргументи и со тоа ќе стрела во сентиментот што ја држи легитимната рамка. 

Точно дека мотивацијата да го разгледувам вториов степен на псиоптирање е една актуелна медиумска акција за проценка што било „социјалдемократско однесување“, но кај ваквиот жолтеникав печат е сѐ „воденикаво“ – одбивно и преразредено да се научи било што, па затоа уште од почетокот се референцирав на концепти презентирани во филмската уметност. Во овие филмски едукативни презентации псиоптирањето од втор степен (meta psy-op) не е обид директно да се убеди противникот во конкретна „лажна вистина“, туку го обликува просторот во кој противникот размислува, го принудува самиот да произведе однесување што му одговара на операторот и ја користи перцепцијата, медиумите и очекувањата како терен на операцијата.

Затоа, домашна работа за читателот – да се соживее со главниот лик на Body of Lies. Фиктивниот терорист таму, јасно, не е крајна цел, ЦИА не сака противникот само да поверува дека Ал-Салим постои, туку целта е да се активираат системите за проверка кај терористичката група, да се раздвижат вистинските актери, да се променат нивните внатрешни приоритети. Лажниот лик е алатка, а не порака. Вториот степен на псиоптирање е манипулација со алгоритмите на сомнеж, креирање на самоисполнувачка параноја, тоа е притисок што го тера псиоптираниот да прави потези кои ја зајакнуваат лажната слика. Операцијата не е насочена само кон непријателот туку истовремено е повеќеслојна: Ги ангажира џихадистичките мрежи, локалните служби, медиумскиот простор, сопствената агенција (и сопствените агенти!) Ликот на Ди Каприо самиот е жртва на псиопот, бидејќи нема целосна слика и мора да реагира под можно невистинити претпоставки.

Се разбира, како Trekie (фан на Star Trek сериите) не можам, а да не го споменам Одделот 31, од седмата сезона на Deep Space Nine, во Inter Arma Enim Silent Leges (Во војна законот молчи). Одделот 31 на Федерацијата инсценира политичка закана за да отстрани еден ромулански лидер и да постави поповолен. Мета-псиоптирањето е што нема директна пропаганда, се менува контекстот за избор, а сите учесници мислат дека дејствуваат рационално и самостојно. Иронијата на ваквиот псиоп од страна на Одделот 31 е што верува дека ја штити Федерацијата од самата себе, но притоа тој ја нормализира логиката на непријателот, ги претвора исклучоците во правило и создава услови само Одделот 31 да знае што би било „неопходно“. 

Очигледно е дека мета-псиопот, структурно, има алгоритам, а притоа наѕирам и рекурзија. Алгоритмот не е таков да се бори за уверувања, туку за контролата врз тоа што се смета за уверливо, и тоа не еднократно, туку рекурзивно, по секоја детекција. Се испраќа сигнал, се следи како се интерпретира како манипулација, следниот сигнал се калибрира според таа интерпретација, се создава чувство „јас сум над манипулацијата“ додека однесувањето сепак се менува. Субјектот станува ко-процесор на операцијата, при што резултатот не е „убеден / неубеден“ туку изместени се критериумите за убедување! Тоа е рекурзија врз довербата, сомнежот, односно самата критичка мисла што во циклус конвергира кон посакувана сеопшта точка на ковергенција каков ќе биде просторот во кој се оперира – дали ќе биде тоа сеопшта апатија, дали сеопшто чувство на загрозеност (памтите од псиопот на нулто и прво ниво?), дали лажна симетрија („сите се исти“, „сите се мафии“), дали тенденција кон недејствување, итн.

Па, така, да се трудиме да се стремиме кон вистината и да олабавиме со ригидности (од стравови). Не може автоматското држење до принципите, суетното самопромовирање на објективност, реалистичност итн., да ни го врши искачувањето на пирамидата на Маслов (аспектот на слободното мислење и дејствување) и, воедно и важно – втемелувањето во егзистенцијална основа. Мора малку и да се мисли, без автоматизми.

Ако сепак ве мачи нашиот „воденикав“ случај од нашиот жолтеникав печат, да се прашате тогаш: Дали критиката дојде во момент на офанзива? Дали беше засилена од курировидни медиуми? Дали е изнесена само морална позиција за „стил“? Дали фокусот се префрли кон кој е кој? Дали реакциите станаа вест? Ако одговорите се „да“… 

Зачлени се на нашиот е-билтен