На големата сцена на Македонскиот народен театар вечерва во 20 часот премиерно ќе биде изведен сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“, во режија на Дејан Пројковски, со кој се одбележуваат 80 години од постоењето на најстарата и најзначајна театарска институција во земјата.
Претставата е замислена како силно аудиовизуелно и емотивно патување низ историјата, сегашноста и иднината на Македонскиот народен театар, обединувајќи ги клучните вредности врз кои се темели МНТ – љубовта кон театарот, уметничката храброст, посветеноста, визијата, тимската работа и чувањето на традицијата, но и создавањето нови сценски јазици.
Сценскиот перформанс носи мозаик од македонска драматургија, поезија, проза, музика и ликовна уметност, како омаж за големите актери, режисери, драматурзи и за сите театарски професионалци зад сцената кои осум децении го граделе сценскиот универзум на МНТ.
Во претставата учествува голем ансамбл од актери на Македонскиот народен театар, оперски пејачи, актери и студенти по актерска игра од Факултетот за драмски уметности и „Еуропа Прима“. Кореографијата е на Олга Панго, со асистенција на Ирена Лозинска, асистент на режија е Андреј Цветановски, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Марија Пупучевска, музиката на Горан Трајкоски, а 3Д-видеомапингот на Сергеј Светозарев.
Публиката ќе биде вовлечена во „театарот на сонцето“ – мултимедијален сценски спектакл што спојува различни изразни средства, со силен визуелен акцент и иновативна употреба на 3Д-видеомапинг, преку кој на оригинален начин се раскажува осумдесетгодишната историја на МНТ.
Претставата е инспирирана од сето она што е амблематично и препознатливо за Македонскиот народен театар, за македонската култура, традиција и колективна меморија.
„Ова е големо патување низ националната драма и низ сите основоположници на македонската драматургија и литература. Создаваме сценски слики од делата и моментите што се втиснати во културната меморија, не како фактографија, туку како жив уметнички чин“, вели режисерот Дејан Пројковски.
Насловот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ е преземен од првата изговорена реплика на сцената на МНТ на 3 април 1945 година, со која официјално започнува работата на театарот.
Претставата, во траење од два часа и 15 минути, опфаќа мотиви од народните приказни и митови како Силјан Штркот, елементи од античката трагедија, македонската поезија и драма, но и сцени инспирирани од култни театарски наслови кои го обликувале современиот идентитет на МНТ.
„Најважно е што направивме претстава достојна на 80-годишниот јубилеј на МНТ и на сите уметници кои го поминале својот живот на оваа сцена. Ова е чин на почит и одговорност кон театарската историја што ја наследуваме“, истакнува Пројковски.