Најмалку 13 лица загинаа, а речиси 100 се повредени во тешка железничка несреќа во јужната мексиканска сојузна држава Оахака, откако патнички воз излета од шините, соопштија мексиканските власти.
Според информациите на Мексиканската морнарица, во несреќата се повредени 98 лица, од кои 36 се задржани на болничко лекување, додека петмина се во критична состојба, изјави претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум.
Возот, познат како „Интерокеански воз“, сообраќал преку превлаката Техуантепек, поврзувајќи го пристаништето Салина Круз на брегот на Пацификот со градот Коацакоалкос на брегот на Мексиканскиот Залив. Во моментот на несреќата, композицијата составена од четири вагони и две локомотиви превезувала 241 патник и девет членови на персоналот.
Несреќата се случила во близина на градот Низканда, а причините за излетувањето од шините сè уште се истражуваат.
Во операцијата за пребарување и спасување биле ангажирани околу 360 припадници на морнарицата, 20 возила, четири амбулантни возила, три медицински хеликоптери и тактички дрон, соопштија надлежните.
Мексиканските власти најавија темелна истрага за утврдување на причините за трагедијата.