Ахмед од Сиднеј: Сакав само да спасам невини луѓе ВИДЕО

Ахмед ал Ахмед, сопственик на продавница од Сиднеј со сириско потекло и татко на две деца, стана симбол на човечност и храброст откако со сопствениот живот ризикувајќи ги спречи напаѓачите во терористичкиот напад врз еврејската заедница на плажата Бонди.

Во видео кое го објави Би-Би-Си, се гледа моментот кога Ахмед од зад грб соборува еден од напаѓачите и му ја одзема пушката, обидувајќи се да го спречи понатамошното пукање.

– „Фрли го оружјето, престани“, му велев. Единствената цел ми беше да го земам пиштолот и да спречам да се убиваат невини луѓе“, изјави Ахмед за американскиот партнер на Би-Би-Си, CBS News.

Терористички напад со тешки последици

Нападот, кој австралиската полиција го квалификуваше како терористички чин насочен против еврејската заедница за време на прославата на Ханука, однесе 15 животи, а над 40 лица беа ранети. Станува збор за најсмртоносното масовно пукање во Австралија од 1996 година.

Главниот напаѓач, 50-годишниот Саџид Акрам, беше убиен од полицијата. Неговиот син Навид Акрам, кој исто така учествувал во нападот, е хоспитализиран и подоцна обвинет за 59 кривични дела, меѓу кои 15 обвиненија за убиство и едно за извршување терористички напад.

„Тоа беше повик на мојата совест“

Ахмед сведочи дека во тие моменти не размислувал рационално, туку реагирал инстинктивно.

– „Не сакав да гледам луѓе убиени пред мене, не сакав крв, не сакав да го слушам звукот на пиштолот, ниту луѓето како врескаат и молат за помош. Тоа беше она што мојата душа го побара од мене“, рече тој.

И покрај тоа што со својата интервенција спасил бројни животи, Ахмед вели дека и понатаму тагува за жртвите кои не успеале да преживеат.

Признание за храброста

За време на инцидентот, Ахмед бил застрелан повеќепати во рамото и бил подложен на најмалку три хируршки интервенции. Во деновите по нападот, во неговиот болнички кревет му беше врачена донација од 2,5 милиони австралиски долари – средства собрани од десетици илјади граѓани трогнати од неговиот чин.

Австралискиот премиер Ентони Албанезе го посети во болница и го опиша како „најдоброто лице на Австралија“, додека премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, го нарече „херој од вистинскиот живот“.

Родителите на Ахмед за BBC Arabic изјавија дека нивниот син отсекогаш бил воден од „совеста и човечноста“.

Зачлени се на нашиот е-билтен