Бугарија го воведува еврото од 1 јануари: историски чекор кон јадрото на ЕУ

Бугарија официјално ќе го усвои еврото како национална валута од 1 јануари, со што ќе стане 21-ва членка на еврозоната, откако оваа година ги исполни сите формални критериуми – од инфлација и буџетски дефицит, до стабилност на девизниот курс и долгорочни каматни стапки.

За земјата со 6,7 милиони жители, членка на Европската Унија од 2007 година, ова претставува еден од најзначајните институционални и економски чекори во поновата историја, оценуваат аналитичарите, пренесува Ројтерс.

Со замената на левот со евро, Бугарија ќе добие и место во Управниот совет на Европската централна банка, што ќе ѝ овозможи директно учество во креирањето на монетарната политика на еврозоната.

Бизнис-заедницата поддржува, граѓаните поделени

За бугарскиот деловен сектор, особено за компаниите кои работат со странски партнери, преминот кон еврото значи пониски трансакциски трошоци, укинување на конверзиите на валути и поедноставно фактурирање. Бизнисмените очекуваат зголемена транспарентност на цените, полесна трговија и поголема инвестициска привлечност на земјата.

Истовремено, дел од граѓаните изразуваат загриженост поради можни поскaпувања и политичка нестабилност, особено по оставката на владата во Софија овој месец, поднесена по протестите против најавените зголемувања на даноците.

Анкетите покажуваат дека јавноста е поделена околу воведувањето на еврото, додека деловната заедница речиси едногласно го поддржува приклучувањето кон еврозоната.

Подготовките веќе се во тек

Државните институции започнаа со интензивни подготовки за транзицијата. Во продавниците низ Софија цените веќе се прикажуваат и во лева и во евра, а преку владини кампањи и медиумски реклами граѓаните се информираат за фиксниот девизен курс и техничките детали на промената, пренесува Танјуг.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека постарото население, особено во руралните делови на земјата, може да има потешкотии при прилагодувањето на новата валута.

Бугарија во еврозоната влегува три години по Хрватска, која го воведе еврото во јануари 2023 година. Со ова проширување, бројот на граѓани што го користат еврото ќе надмине 350 милиони, дополнително зајакнувајќи ја улогата на заедничката валута како еден од клучните столбови на европската економска интеграција.

Зачлени се на нашиот е-билтен