Грчките земјоделци денес со нови блокади на Евзони, утре пауза поради Нова година

Само еден ден пред Новата година, грчките земјоделци за денес најавија две четиричасовни блокади на граничниот премин Евзони кон Македонија, со што ќе биде целосно прекинат сообраќајот за сите возила за влез и излез од Грција во одредени периоди од денот.

Како што јавува дописничката на МИА од Атина, блокадите ќе се реализираат денес, вторник, во периодот од 11 до 15 часот по македонско време (12–16 часот по грчко) и од 17 до 21 часот (18–22 часот по локално време).

Грчките земјоделци веќе цел месец протестираат со затворање на патишта и гранични премини, но најавија дека од утре до петок ќе ги укинат блокадите поради новогодишните празници, со цел да се олесни движењето на граѓаните, како што беше случај и за време на Божиќ. Во сабота е најавен заеднички состанок на кој ќе се одлучува за понатамошните активности.

Според грчкиот весник То Вима, од 9 часот наутро надвозникот кај блокадата на патот Никаја ќе биде отворен за непречен сообраќај од Атина кон Солун.
За спротивната релација, Солун–Атина, ќе се применува планот на сообраќајната полиција, при што возачите ќе се пренасочуваат по стариот национален пат Лариса–Волос, преку раскрсниците Платикампу и Килелер.

Движењето на возила на автопатот ПАТЕ, барем до Нова година, ќе се одвива нормално, откако земјоделците и сточарите на блокадата кај патарината Малгара одлучија да не продолжат со затворања за време на празниците.

Од друга страна, на неодредено време е затворен националниот пат Антирио–Јанина, една од клучните сообраќајници во Западна Грција. Тракторите на земјоделците и натаму се распоредени во областа „Зелени светла“ во источен Солун.

Транзитната станица во предградието на Драма трет ден по ред останува затворена за камиони, додека патничките возила минуваат со кратко двојно заобиколување од околу 500 метри. Денеска е најавена и мобилизација во центарот на Агринио, каде земјоделците планираат блокади пред даночната управа и други државни институции.

Блокадата кај Беотија останува засилена, а националниот пат Атина–Ламија е затворен во правец кон Атина, со пренасочување на сообраќајот преку обиколници. Во исто време, блокадата кај Тива е отворена во двата правци за да се олеснат еднодневните празнични патувања.

И Јонскиот пат, кај раскрсницата Ангелокастро, останува затворен, со сообраќај кој се пренасочува по алтернативни правци. Според најавите, автопатот се очекува да биде повторно отворен до среда наутро.

Зачлени се на нашиот е-билтен