Иако секој македонски граѓанин лани создал помалку комунален отпад во споредба со 2023 година, целокупното количество собран отпад во земјава повторно завршува на депонија, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Во текот на изминатата година во Македонија биле собрани 637.471 тон комунален отпад, што претставува зголемување во однос на претходните години. Проценките, пак, покажуваат дека вкупно биле создадени 790.866 тони комунален отпад, што е благо намалување споредено со 2023 година.
Просечно, секој жител создал по 438 килограми комунален отпад, што е значително помалку од 503 килограми во 2023 година. Сепак, и покрај намалената количина по глава на жител, целокупниот собран отпад и понатаму се депонира, без значајна примена на системско рециклирање.
Комуналниот отпад опфаќа отпад од домаќинствата, трговските и услужните дејности, институциите и малите бизниси, вклучително и масивен отпад, уличен смет и отпад од јавни површини. Од оваа категорија се исклучени отпадните води и градежниот отпад.
Податоците од колективните постапувачи доставени до Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека 65 проценти од отпадот од пакувања пуштен на пазарот бил рециклиран. Од вкупно 80.575 тони отпад од пакување, рециклирани биле 52.605 тони.
По категории, најдобри резултати има отпадот од хартија и картон, кој е рециклиран со 105 проценти, по што следат металот (80%), стаклото (54,6%), пластиката (38,9%) и дрвото (38,8%). Во апсолутни бројки, најмногу бил рециклиран отпад од хартија и картон (29.614 тони), потоа пластика (8.979 тони), стакло (7.570 тони), дрво (3.416 тони) и метал (3.026 тони).
Во исто време, трошоците за заштита на животната средина во 2024 година изнесувале 10,5 милијарди денари, односно 169,4 милиони евра, додека од еколошки даноци во 2023 година биле собрани 12,2 милијарди денари или 196,7 милиони евра.
Иако контејнерите за селекција денес се присутни во речиси секоја населба, податоците јасно укажуваат дека системската промена сè уште изостанува – Македонија создава нешто помалку отпад, но и натаму речиси сè завршува под земја.