Во 2026 година, европските земји влегуваат во серија клучни избори што би можеле да го преобликуваат балансот на моќ во рамките на Европската Унија, во време кога војната во Украина, зајакнувањето на екстремната десница и стравот од странско мешање ја ставаат демократската стабилност на континентот на сериозен тест.
По бурната 2025 година, обележана со странско мешање во изборните процеси и зајакнување на десницата во неколку земји, Европската Унија ја очекува година полна со политички искушенија, во сенка на војната во Украина и сè посложените односи со Соединетите Американски Држави.
Посебно внимание е насочено кон Унгарија, каде што изборите би можеле да го означат крајот на долгогодишното владеење на Виктор Орбан.
Неговиот главен ривал, поранешниот член на Фидес, Петер Маѓар, ја гради својата кампања врз економски прашања и потребата од подобри односи со Брисел. Исходот од гласањето би можел да има последици што ги надминуваат границите на Унгарија, со оглед на централната улога на Орбан во национално-конзервативниот блок на Европа.
Во најголемите членки на ЕУ – Шпанија, Франција, Германија и Италија, локалните и регионалните избори ќе послужат како тест за довербата во националните влади и како индикатор за силата на екстремната десница пред идните парламентарни и претседателски избори.
Во Шпанија, владата на Педро Санчез се соочува со пад на поддршката и политички кризи, додека локалните избори во Франција ќе бидат важен сигнал пред претседателската трка во 2027 година, во време кога екстремната десница продолжува да добива на сила и покрај забраната за кандидатура на Марин Ле Пен.
Во Германија се очекуваат покраински избори, што ќе биде првиот сериозен тест за канцеларот Фридрих Мерц, додека во Италија гласачите ќе го кажат своето мислење на референдумот за судските реформи, што ќе се толкува како индикација за поддршка на владата на Ѓорѓе Мелони.
Во северна Европа, Шведска и Данска влегуваат во изборни циклуси под притисок од безбедносните загрижености, зголемениот криминал и стравот од мешање на странски избори. Шведска особено предупредува на сајбер закани и обиди за влијание врз гласачите, додека во Данска премиерката Мете Фредериксен се соочува со слаба поддршка и нестабилна коалиција.
Бугарија ќе ја дочека 2026 година без стабилна влада, но со важен чекор, воведувањето на еврото на 1 јануари. Земјата ја чекаат претседателски и парламентарни избори, кои треба да ја прекинат долгорочната политичка блокада.
Закажани се избори во Словенија и Латвија, каде што резултатите се неизвесни и може да доведат до промени во владата.
Покрај европските избори, ЕУ внимателно ќе ги следи и гласањата надвор од континентот.
Среднорочните избори во САД, претседателските избори во Бразил, како и изборите во Израел и Русија, би можеле да имаат силно влијание врз европската безбедност, трговијата и односите во надворешната политика.
Сè на сè, 2026 година носи низа изборни тестови кои ќе ја покажат отпорноста на европските демократии и ќе ја одредат насоката што ќе ја земе континентот во годините што доаѓаат.