Европа на самиот почеток на 2026 година ја очекува изразен временски пресврт, кој според метеоролошките модели ќе доведе до поделба на континентот на два различни климатски појаса – студен запад и потопол исток.
Моделите укажуваат на навлегување на арктички воздух уште кон крајот на годината, што ќе предизвика нагло заладување во голем дел од Европа, со температури и до 10–15 степени под просекот. Ова заладување ќе ги зафати источна, централна и јужна Европа, со појава на мраз и снег уште пред новогодишните празници.
Според анализите на европскиот модел ECMWF, доаѓа до промена во распоредот на атмосферските системи над Атлантикот и Европа. Полето на висок притисок се поместува кон запад, отворајќи коридор за студен поларен воздух. За ова претходно предупреди и специјализираниот портал Severe Weather Europe.
По Нова година, сепак, следува нова промена. Студениот воздух постепено ќе се префрли кон западна Европа, додека источниот дел на континентот ќе влезе во потопол период. Така, земји како Велика Британија, Франција и Шпанија би можеле да се соочат со нов бран мраз, додека источна и југоисточна Европа ќе бележат пораст на температурите.
Метеоролозите ова го опишуваат како типичен пример на исклучително динамичен зимски модел, во кој студени и топли воздушни маси брзо се менуваат.
Балканот под закана од долготрајни врнежи
За разлика од западот на Европа, Балканот се наоѓа во зоната со најголем ризик од обилни врнежи. Потопол и влажен воздух од југ и југозапад ќе донесе интензивни и долготрајни дождови во централна и југоисточна Европа, особено во подрачјата околу Алпите, Апенините и Динарските Планини.
Метеоролошките модели предвидуваат дека на одредени локации количината на врнежи може да достигне од 150 до 300 милиметри за една седмица, што значително го зголемува ризикот од локални поплави и излевање на реки.
Западна Европа, и покрај појавата на снег, ќе остане релативно сува, бидејќи арктичкиот воздух таму ќе пристигнува со минимална влажност.
Севкупно, почетокот на 2026 година ќе биде обележан со силни временски контрасти низ Европа – додека еден дел од континентот ќе остане во цврст зимски режим, друг ќе се соочи со невообичаено топло и врнежливо време.