Фотографија укажува на можна причина за пожарот во бар во Швајцарија

Фотографија направена во моментот на избувнувањето на пожарот за време на новогодишната прослава во барот „Констелејшн“ во швајцарското туристичко одморалиште Кран-Монтана укажува на можен извор на огнената стихија во која загинаа повеќе од 40 лица, а 115 се повредени, јавува француската телевизија BFM.

На фотографијата, објавена на веб-страницата на BFM, се гледаат гости на барот – претежно млади луѓе – кои во рацете држат високо подигнати шишиња шампањ во кои се поставени минијатурни огномети. Искрите се распрснуваат кон таванот, а на еден дел од плафонот јасно се забележува пламен.

Швајцарскиот весник „Темп“, повикувајќи се на сведоштва на две Французинки кои биле присутни во барот, објави дека можна причина за пожарот биле декоративни свеќи, поставени премногу блиску до таванот.

Според нивните изјави, свеќите биле забодени во празни шишиња шампањ и закачени високо, во непосредна близина на дрвениот плафон, кој лесно се запалил. Огнот брзо се проширил и кон подот на барот, бидејќи целиот ентериер бил изработен од дрво.

Во паника, гостите се обиделе да избегаат низ влезната врата, која, според сведоците, била премногу тесна за бројот на луѓе во објектот.

„Некој го скрши прозорецот за да можат луѓето да излезат“, изјавила една од Французинките.

Француски пар кој исто така се нашол на местото на настанот за BBC изјавил дека евакуацијата била исклучително тешка, бидејќи и скалите што воделе кон излезот биле многу тесни.

„Имавме голема среќа. Околу 200 луѓе се обидуваа да излезат за помалку од 30 секунди“, изјавиле тие.

Главната обвинителка на кантонот Вале, Беатрис Пилу, на прес-конференција изјави дека истрагата ќе утврди дали биле почитувани сите безбедносни стандарди и дека постои можност мал инцидент да прераснал во пожар од големи размери. Според медиумските информации, сопствениците на барот се двајца француски државјани.

Зачлени се на нашиот е-билтен