2026 изборна година: Орбан под притисок, Шведска и Бугарија на тест

Европа влегува во 2026 со војната во Украина на источниот праг, растечки тензии меѓу Брисел и Вашингтон и сè поотворена битка околу тоа кој ја држи политичката оска на континентот. Во таков амбиент, изборите што следат – од национални до локални и регионални – не се само домашни пресметки, туку тестови што можат да ја променат и европската позиција кон Киев, Русија, миграцијата и внатрешното единство на ЕУ, оценува „Еуроњуз“ во прегледот за 2026.

Најчувствителната точка е Унгарија, каде што изборите се претставуваат како потенцијален крај на најдолгото континуирано владеење во ЕУ. Виктор Орбан оди по нов мандат, но овој пат со реален противник – Петер Маѓар, поранешен инсајдер на Фидес кој се позиционира како опозиционер со фокус на куповната моќ и одмрзнување на односите со Брисел. Суштината за ЕУ не е само кој ќе победи, туку дали Будимпешта ќе остане центар на национал-конзервативниот блок што ја блокира или разводнува европската линија за Украина и санкциите кон Москва.

Паралелно, четири големи земји на ЕУ влегуваат во серија „локални барометри“ што ќе ја мерат енергијата на екстремната десница и довербата во националните влади. Во Шпанија, регионалните избори во Арагон (8 февруари), Кастиља и Леон (15 март) и Андалузија (најдоцна до 30 јуни) ќе бидат тест и за социјалистите на Педро Санчез и за Народната партија – особено околу прашањето дали центар-десницата може да гради мнозинства без да се потпре на Вокс. Во Франција, општинските избори на 15 и 22 март се читаат како „термометар“ за 2027, во момент на продлабочена политичка нестабилност и раст на Националниот собир. Во Италија, во 2026 се очекуваат локални избори во помал број градови, но клучот е најавениот референдум за уставна реформа на правосудниот систем – гласање што ќе се третира како мерка за поддршката на коалицијата на Џорџа Мелони пред изборите во 2027.

Германија, пак, оди во серија покраински избори што ќе ја мерат стабилноста на новата власт на канцеларот Фридрих Мерц и растот на екстремната десница и на исток и на запад: Баден-Виртемберг и Рајнска област-Пфалц во март, а Саксонија-Анхалт, Берлин и Мекленбург-Западна Померанија во септември.

Една од најважните национални изборни битки во ЕУ ќе биде и Шведска, каде што парламентарните избори во септември се ставаат под знак на „сериозна безбедносна ситуација“ и ризик од странско мешање. „Еуроњуз“ потенцира дека токму ова ќе биде тест за демократската отпорност во ерата по ДСА и најавениот европски „штит“ за демократијата, во услови кога сајбер-операциите и манипулациите на социјалните мрежи стануваат изборно оружје.

Во Данска, изборите мора да се одржат пред октомври 2026, но датумот не е потврден, а владата на Мете Фредериксен влегува во година со зголемен притисок дома и чувствителна тема надвор – статусот и безбедноста на Гренланд, кој повторно се појавува во американската реторика. Во Бугарија, изборната агенда се преклопува со евро-преминот: земјата го воведува еврото на 1 јануари 2026, но истовремено останува во политичка нестабилност по оставка на влада и протести. Претседателските избори се закажани за 8 ноември, а се очекуваат и парламентарни избори за да се надмине ќорсокакот.

Покрај ова, „Еуроњуз“ ја вклучува и Словенија (парламентарни избори во март) и Латвија (парламентарни избори во октомври) како две држави каде исходот може да донесе нови владини математики и нови позиции во Советот на ЕУ, во време кога блокот бара единство околу безбедноста и санкциските режими.

И додека Европа гласа, Брисел ќе гледа и кон „глобалните избори со европски последици“: американските конгресни избори во ноември 2026 што ќе ја мерат моќта на администрацијата на Трамп, изборите во Бразил во октомври важни за судбината на договорот ЕУ–Меркосур, како и изборните циклуси во Израел и Русија кои, во различни форми, можат да ги сменат параметрите на кризите што директно ја погодуваат Европа.

Зачлени се на нашиот е-билтен