На подрачјето на Националниот парк Пелистер, во близина на локацијата позната како „Антена“, пријавен е изгубен планинар, информираат од Центарот за управување со кризи.
Лицето било телефонски достапно околу 10 минути, по што сигналот на мобилниот телефон бил изгубен. Потрагата првично била извршена со ратрак, но без успех.
Случајот е пријавен во СВР Битола и во Национален парк Пелистер – Битола, по што екипи веднаш се упатени на терен. Поради непристапниот терен и густата магла, од Ситуациониот центар биле побарани координати, при што биле доставени координати кои не одговараат на пријавената локација на планинарот.
Остварен е контакт со директорот на Националниот парк Пелистер, кој и самиот се наоѓа на терен. Тој стапил во комуникација со началникот на СВР Битола со цел обезбедување на точни координати за лоцирање на планинарот.
Акцијата за пронаоѓање и спасување на планинарот е во тек, наведуваат од ЦУК.