Силните снежни врнежи што го зафатија Сараево оставија сериозни последици. Во населбата Грбавица, бор висок повеќе од 10 метри се сруши и падна врз жена на средна возраст, која подоцна им подлегна на повредите, јавуваат медиумите во Босна и Херцеговина.
Од службите за итна медицинска помош информираа дека станува збор за жена во четириесеттите години, која се здобила со тешки, животозагрозувачки повреди на главата. Таа била итно префрлена во Клиниката за итна медицинска помош, но и покрај лекарските напори, починала.
Според официјалните податоци, во главниот град на БиХ наврнале околу 40 сантиметри снег. Иако снежните врнежи престанаа во текот на ноќта, жителите на Сараево од раните утрински часови се соочуваат со сериозни проблеми во секојдневното движење.
Граѓаните реагираат поради неисчистените тротоари, поради што многумина се принудени да се движат по коловозите, што дополнително ја зголемува опасноста, особено во услови на замрзнати патишта. Јавниот превоз се одвива отежнато, со намален интензитет и проблеми околу пристапот до автобуски и трамвајски постојки.
Главната градска сообраќајница е расчистена, но голем дел од споредните улици, пешачките премини и тротоарите и понатаму се под дебел слој снег, што значително го забавува сообраќајот.
Надлежните служби апелираат до возачите и пешаците на зголемена внимателност поради ризик од лизгање и пад на снег и мраз, додека граѓаните очекуваат побрза реакција од комуналните служби.