Николовски се фали со Автопатот што доцни доцни 11 години, се пушта „на рати“

На Бадник, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски објави „прекрасно ноќно видео“ и порача дека 40 километри од автопатот Охрид–Кичево „се веќе во функција“, со надеж дека граѓаните ќе возат по него на пат кон Охрид.

Во нормална држава ваква вест би се читала како тивка инфраструктурна победа. Во Македонија, меѓутоа, истата реченица звучи како уште една епизода од долгата сапуница за автопат што требаше да биде завршен одамна, а денес се продава како серија од месечни клипови, ленти и „моментум“.

Од јули 2025 наваму, автопатот почна да се појавува во јавноста како проект што се пушта во продолженија. На 13 јули беа пуштени првите 20 километри на потегот Врбјани–Ботун, и тоа „по 11 години“ од стартот на градбата.

Во август, Николоски излезе на терен за да ја отвори клучката Подмоље, со наратив дека се „решаваат наследени проблеми“.

На 7 септември следеше уште една свеченост – 17 километри од Климештани до Охрид, со пораката дека „за два месеци“ се пуштиле 34 километри и дека до крајот на 2026 треба да биде готов целиот автопат.

Потоа, во јануари 2026, „40 километри“ повторно влегуваат во насловите – овојпат преку фејсбук-објава, како да се работи за маркетинг-кампања што мора редовно да се освежува.

Контра тезата е проста: Николовски не открива автопат, туку открива формат. Наместо да ја затвори приказната со целосно функционална делница, тој ја држи отворена и ја претвора во серијал – секое ново парче асфалт како повод за политичка порака, секој инженерски чекор како сцена за споредби со „претходните“, секој километар како доказ дека „сега се работи“. Дури и септемвриското пуштање на делницата Климештани–Охрид, според извештаите, минува низ населени места и се претставува како „автопат“ што ја зголемува безбедноста и го забрзува патувањето – ама суштината останува дека проектот е фрагментиран и недовршен.

Зад шоуто, фактите се студени. Државниот завод за ревизија констатира дека изградбата почнала во мај 2014 и дека финансиската конструкција се потпира на заем од 505 милиони долари и дополнителен заем од 180 милиони долари – вкупно 685 милиони долари задолжување за проектот.

Во ревизорските документи и во извештаите што ги пренесуваат медиумите стои и дека роковите се пролонгирале со години, дека имало десетици варијации и дека вредноста на договорот се зголемила значително, додека проектот останал незавршен.

Ако ова беше само приказна за „доцнење“, јавноста можеби ќе проголташе уште една свеченост. Но, ова е приказна и за инженерски ризици што не се решаваат со видеа. Владата формално го помести рокот за завршување до 31 декември 2026, наведувајќи дека причината се нови свлечишта на трасата, како резултат на несоодветен почетен проект и прерано започнување на градбата.

И кога Николоски најавува „галерии“ и „пробивање планини“ за стабилизација на косини, тоа звучи помалку како триумф, а повеќе како признание дека најтешкото – безбедноста и геологијата – уште го држи проектот во заложништво. Рацин.мк

Во таа рамка, „40 километри во функција“ стануваат комуникациска бројка, не одговор на клучното прашање: кога целата делница ќе биде завршена како комплетен, технички исправен, безбеден автопат – и колку уште ќе чини една инфраструктурна инвестиција што одамна ги надмина нормалните рокови за ваков проект. Додека лентите се сечат, граѓаните ја гледаат истата траса како симбол на државно управување што ја претвора децениската обврска во месечна ПР-епизода, наместо да ја затвори со резултат што не бара дополнителни објаснувања.

Зачлени се на нашиот е-билтен