Во нападот во кој американските сили го заробиле венецуелскиот претседател Николас Мадуро во Каракас, загинале најмалку 100 лица, соопшти венецуелскиот министер за внатрешни работи Диосдадо Кабељо.
Според неговите изјави, во нападот биле повредени и Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес. Кабељо наведе дека Мадуро бил ранет во ногата, додека неговата сопруга претрпела повреди на главата и телото, но дека и двајцата се во фаза на закрепнување.
„Досега – и нагласувам, досега – имаме 100 загинати и приближно ист број повредени. Нападот врз нашата земја беше ужасен“, изјави Кабељо во својата неделна емисија на државната телевизија, пренесува францускиот медиум „Франс 24“.
Американските специјални сили на 3 јануари извршиле упад во Венецуела и го одвеле претседателот Николас Мадуро заедно со неговата сопруга во Њујорк, каде што, според американските власти, тој се товари за организирање трговија со дрога.
Претходно беше соопштено дека за време на нападот Каракас бил бомбардиран и дека загинале најмалку 24 припадници на венецуелската војска. Владата на Куба, исто така, потврди дека во американската воена акција загинале 32 кубански воени и полициски службеници кои работеле во Венецуела.
Вршителката на должност претседател на Венецуела, Делси Родригес, вчера прогласи седумдневна национална жалост за припадниците на венецуелските безбедносни сили загинати во нападот врз Каракас.