Соединетите Американски Држави ќе се повлечат од десетици меѓународни организации и договори, меѓу кои Фондот на Обединетите нации за население (UNFPA) и Оквирната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC), која е основа на Парискиот климатски договор од 2015 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата потпиша извршна наредба со која се запира поддршката на САД за вкупно 66 меѓународни организации, агенции и комисии. Воедно, неговата администрација доби задача да го преиспита учеството и финансирањето на сите меѓународни тела, вклучително и оние поврзани со Обединетите нации, соопшти Белата куќа.
Најголем дел од организациите од кои САД се повлекуваат се поврзани со системот на ОН и се фокусирани на климатските промени, трудот и прашања кои администрацијата на Трамп ги класифицира како политики поврзани со разновидност, инклузија и борба против дискриминацијата, покажува делумен список до кој дошла агенцијата АП.
Од Стејт департментот наведуваат дека овие институции се „прекумерни, лошо управувани, непотребни, расипнички, водени од сопствени интереси или претставуваат закана за суверенитетот, слободите и општиот просперитет на САД“.
Одлуката доаѓа во период кога администрацијата на Трамп презема остри чекори и на надворешнополитички план, вклучително и воени дејствија и закани кои предизвикаа загриженост кај сојузниците и противниците, како апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро и најавите за можна контрола врз Гренланд.
САД претходно веќе ја замрзнаа поддршката за Светската здравствена организација (СЗО), Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA), Советот за човекови права на ОН и УНЕСКО, применувајќи таканаречен „а-ла-карт“ пристап во финансирањето на меѓународните обврски.
„Ова е кристализација на американскиот пристап кон мултилатерализмот – или ќе биде по нивни услови, или воопшто нема да биде“, оцени Даниел Форти од Меѓународната кризна група.
Повлекувањето од UNFCCC претставува најнов чекор во дистанцирањето на САД од глобалните напори за справување со климатските промени. Научниците предупредуваат дека климатските промени стојат зад сè почестите и поразорни поплави, суши, пожари и екстремни горештини.
Експертите сметаат дека без соработката на САД – една од најголемите светски економии и емитери на стакленички гасови – ќе биде тешко да се постигне значаен напредок во глобалната климатска борба.
Меѓу другите организации од кои САД ќе се повлечат се и: Универзитетот на Обединетите нации, Меѓународната организација за тропско дрво, Меѓународната организација на трудот, Меѓународната поморска организација, Меѓународната унија за телекомуникации и повеќе советодавни и културни тела.
Од Стејт департментот најавија дека ревизиите продолжуваат и дека е можно дополнително повлекување од уште меѓународни организации.