(ВИДЕО) Силно невреме ја погоди западна Турција: Прекинат поморскиот сообраќај низ Босфорот и Дарданелите

Силно невреме денеска ја зафати западна Турција, предизвикувајќи локални поплави и сериозни нарушувања во копнениот и поморскиот сообраќај во повеќе региони, меѓу кои Истанбул, Едрене, Измир, Чанакале и Самсун, јавуваат турските медиуми.

Поради силниот ветер и значително намалената видливост, поморскиот сообраќај низ Босфорот е целосно прекинат, а откажани се и поголемиот дел од фериботските линии меѓу европскиот и азискиот дел на Истанбул. Според официјалните информации, на одделни локации брзината на ветерот надминала 70 километри на час.

Во истанбулскиот кварт Бахчелиевлер, паднато дрво повредило пешак, додека во населбата Бакирќој неколку дрвја паднале врз најмалку четири паркирани возила. Слична ситуација е регистрирана и во Чанакале, каде поради неповолните временски услови е запрен и поморскиот сообраќај низ Дарданелите.

Локални поплави се пријавени во градот Едрене, во близина на границата со Бугарија, како и во црноморскиот регион Самсун. Турската метеоролошка служба издаде предупредување за опасни временски услови, апелирајќи до граѓаните да бидат внимателни и да ги следат препораките на надлежните институции.

Поради високите бранови и силниот ветер, рибарските чамци во Измир денеска останаа закотвени во пристаништата.

Зачлени се на нашиот е-билтен