Кристи Ноем е една од клучните фигури во втората администрација на Доналд Трамп, особено кога станува збор за имиграцијата и безбедносната политика. Токму затоа не изненади фактот што неодамнешното убиство во Минеаполис, во кое агент на американската имиграциска служба (ICE) застрела и усмрти жена, таа без двоумење го нарече „чин на домашен тероризам“.
Личноста која во овој момент можеби најмногу ја поларизира американската јавност е поранешна фармерка, декларирана христијанка, која во својата биографија отворено опишува како симбол на сопствената „одлучност“ ги убила својот пес и јарец.
Кристи Ноем (54) е американска политичарка која од јануари 2025 година ја извршува функцијата осма министерка за внатрешна безбедност на САД (U.S. Department of Homeland Security), во администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Убиството во Минеаполис и наративот за „внатрешен тероризам“
Ноем се најде во центарот на вниманието поради студените и рамнодушни изјави дадени на прес-конференција по убиството на Американката Рене Никол Гуд во Минеаполис. Во инцидентот, агент на ICE испукал три куршуми во телото на жената.
Министерката повеќепати го опиша настанот како одговор на „чин на домашен тероризам“ насочен против федералните органи. Таа ги бранеше постапките на агентот, тврдејќи дека „дефанзивно пукал за да се заштити“, следејќи ја својата обука, откако жртвата наводно се обидела „да го претвори возилото во оружје“ за да го прегази.
Сведоштва и видео-снимки од местото на настанот, сепак, покажуваат поинаква слика. Маж кој се идентификувал како лекар побарал да ѝ го провери пулсот и да ѝ укаже итна помош на ранетата жена, но бил одбиен и му било наредено да се оддалечи, со образложение дека ќе дојде „нивниот тим за итна помош“ — кој во тој момент воопшто не бил присутен.
На снимките се гледа како Рене го врти возилото подалеку од агентите, што отвора сериозно прашање дали тоа движење може да се квалификува како обид за убиство. Дополнително, на друг видео-запис снимен непосредно пред пукањето, се гледа како таа со рацете сигнализира дека им дава предност на возилата на агентите.
Останува отворено прашањето дали трите куршуми навистина биле единственото решение за ненаоружана жена и дали постоел друг начин таа да биде приведена или онеспособена. Агентот кој пукаше, без пречки се врати кај своите колеги, што дополнително ја доведува во прашање тезата дека неговиот живот бил директно загрозен.
За Кристи Ноем, дилеми немаше. Таа инцидентот го прогласи за „домашен тероризам“ уште пред да биде спроведена целосна истрага, и покрај фактот што локалните власти потврдија дека жртвата не била предмет на никаква истрага, туку случаен сведок кој го блокирал патот.
Нулта толеранција и низа контроверзии
Овој случај не е прва контроверзија поврзана со Ноем. Напротив, таа зад себе има долга низа радикални одлуки и политички гафови. На почетокот на 2026 година, се соочи со жестоки критики поради планот за драстично намалување на бројот на вработени во Федералната агенција за управување со вонредни состојби (FEMA).
Како клучна фигура на имиграциската политика на Трамп, Ноем ја спроведува стратегијата на нулта толеранција. Таа ја укина заштитата за повеќе од еден милион мигранти од 11 земји, најави поставување пловечки бови на реката Рио Гранде во должина од 800 километри како средство за одвраќање на мигрантите, а медиумите известуваа и за сериозни тензии и лоша комуникација меѓу неа и Том Хоман, координаторот за граници на Трамп.
Ноем се соочи и со обвинувања за фаворизирање политички донатори при доделување средства за обнова, како и за заобиколување на стандардните тендерски процедури при милионски договори за кампањи на Министерството за внатрешна безбедност.
„Челичната лејди“ без каење
Истиот ден кога избувна јавниот бес поради убиството во Минеаполис, Ноем одржа уште една прес-конференција — целосно неповрзана со трагичниот настан. Со насмевка на лицето, заедно со колегите, зборуваше за тековните операции за депортација на мигранти во Њујорк, како трагедијата да не постои и како да не е директно поврзана со нејзините надлежности.
Политички профил создаден во детството
Ноем пораснала на семеен ранч во Ватертаун, Јужна Дакота. По смртта на татко ѝ, била принудена да го напушти факултетот на 22 години за да го преземе семејниот бизнис. Подоцна дипломирала политички науки на Државниот универзитет во Јужна Дакота, веќе како членка на Конгресот.
Од 2011 до 2019 година беше пратеничка во Претставничкиот дом, а од 2019 до 2025 година и прва жена гувернерка на Јужна Дакота.
Декларирана христијанка, често истакнува дека верата има клучна улога во нејзините политички одлуки. Во брак е со Брајан Ноем и има три деца.
https://x.com/harryjsisson/status/2009352525334610298?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E2009352525334610298%7Ctwgr%5E1d0ddf782c3c65ef745182b4f5310905d762c7d1%7Ctwcon%5Es1_c10&ref_url=https%3A%2F%2Fn1info.rs%2Fsvet%2Fko-je-kristi-noem-trampova-lojalna-sefica-unutrasnje-bezbednosti%2F
Контроверзните книги и убиството на кучето
Ноем е авторка на две книги. Особено внимание привлече книгата „Нема повраток“, во која отворено опишува како го застрелала својот пес Крикет, кој го оценила како „необучлив и опасен“, користејќи го тој чин како метафора за носење тешки, но „неопходни“ одлуки. Во истата книга пишува и за убиството на јарецот, кој го опишува како „зол и одвратен“.
Политичка заштита и жестоки реакции
Градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, најостро ги осуди нејзините изјави, нарекувајќи ги „пропаганда, лаги и ѓубре“. Гувернерот на Минесота, Тим Волц, изјави дека методите на ICE потсетуваат на „модерно Гестапо“.
Конгресменката Робин Кели најави иницијатива за покренување постапка за нејзино разрешување, обвинувајќи ја за опструкција на правдата и злоупотреба на моќта.
Од другата страна, Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс јавно застанаа во нејзина одбрана. Трамп изјави дека жртвата „постапила ужасно“, додека Венс ја нарече трагедијата „самоиницирана“.
Кристи Ноем, засега, нема причина за грижа. Лојалноста е валута што актуелните режими високо ја ценат — а на Балканот, тоа добро го знаеме.