Центарот за управување со кризи утрово информира за состојбата со водите и поплавите предизвикани од обилните дождови што ја зафатија земјата.
Во Источниот регион, во општина Кочани е забележан значително зголемен водостој на реките и каналите. Кочанска река се излеа кај село Горни Подлог, каде интервенира ЈП „Водовод“ со механизација. Зрновска река се излеа пред вливот во Брегалница, а Оризарска река се излеа кај село Грдовци, каде поплави ги зафатија подрумските простории на неколку куќи. Водостопанство „Брегалница“ интервенира со тешка механизација, а МВР го забрани сообраќајот на северниот влез во селото. Злетовска река и Брегалница засега имаат зголемен водостој, но без излевање. Во горните текови водостоите се стабилизираат, додека во средните и долните текови состојбата останува критична. На патот Македонска Каменица – рудник САСА поради одрон сообраќајот се одвива по една коловозна лента. Во Пробиштип, излевањето на реката Киселица на патот Неокази – Петришино предизвика отежнат сообраќај.
Во Скопскиот регион нема нарушувања на редовната состојба поврзани со дождовите.
Во Југозападниот регион, во Охрид Кризниот штаб на општината одлучи да се стават на располагање сите човечки и материјални ресурси. Населбата Далјан е поплавена поради излевање на реката Далја. Екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото, а со пумпи се испумпува од подруми, дворови и деловни простории. Проблеми има и кај Коселска река во село Ливоишта, каде надојдената вода го подјадува патот кон село Вапила, а надлежните институции се известени. Во Кичево, водостојот на реките се намалува, но состојбата на одредени локации сè уште е критична. Околу 120 жители од улица Прилепска се евакуирани и сместени во спортската сала Христо Узунов. Утре ќе се изврши увид на оштетените објекти.
Во Пелагонискиот регион, во Битолско градското подрачје е нормализирано, освен во населбата Стрчин каде има наноси од земја и чакал. Во селата Кравари, Жабени и Породин се поплавени земјоделски површини, но нема опасност по станбени објекти. Регионалните и магистралните патишта се проодни со повремени наноси кои се расчистуваат. Во Ресен поплавени се земјоделски површини, дворови и помошни објекти во повеќе села, а водостоите постепено се намалуваат. Во Крушево и Демир Хисар има локални излевања на реките Црна и Обедничица со поплавени дворови, земјоделски површини и оштетени локални патишта, а општинските штабови интервенираат на критичните точки.
Во Северниот и Североисточниот регион, во Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема излевања, а на одредени патни правци се забележани подмрзнати коловози. Во Крива Паланка, Ранковце и Кратово сите патни правци се проодни, а снабдувањето со електрична енергија е стабилно.
Во Полошкиот регион, во Тетовско се пријавени свлечишта на локалните патишта кон село Ѓермо и месноста Бањиче, кои моментално се непроодни, а општината интервенира со механизација. Во Мала Речица се урнал потпорен ѕид, предизвикувајќи материјална штета. Во општина Желино пријавено е излевање на реката Вардар во село Стримница, каде е испратена механизација од ЈКП.