Кој е најбогат во Македонија и каде се македонските милионери на регионалната листа

Најновата листа на 100 најбогати луѓе во регионот, објавена од „Недељник“, покажува дека економската моќ на Западен Балкан е концентрирана пред сè во Србија, но и дека Северна Македонија има свој јасно издвоен претставник меѓу најбогатите.

Северна Македонија: Мукетов останува најбогат

Според анализата, најбогат човек во Северна Македонија е Живко Мукетов, сопственик на фармацевтската компанија „Алкалоид“. Неговото богатство се проценува на околу 892 милиони евра, што го позиционира меѓу повлијателните бизнисмени во регионот, иако под прагот од една милијарда евра.

Иако Северна Македонија нема милијардер на листата, „Алкалоид“ останува еден од ретките македонски брендови со сериозно регионално и меѓународно присуство, особено во фармацевтската индустрија.

Србија доминира: најмногу милијардери во регионот

На врвот на регионалната листа доминираат српски бизнисмени, а Србија има најголем број милијардери – вкупно 20.

Најбогат човек во регионот е Мирослав Мишковиќ, сопственик на „Делта холдинг“, со проценето богатство од над 3 милијарди евра. По него следува семејството Костиќ (МК Група), додека на третото место е хрватскиот бизнисмен Силвио Кутиќ, основач на „Инфобип“.

Меѓу најбогатите во Србија се и сопствениците на Mozzart, Matijević, NELT, Karisma Group, како и медиумскиот магнат Жељко Митровиќ, кој се наоѓа во средината на листата.

Хрватска: технолошки капитал на врвот

Најбогат Хрват е Силвио Кутиќ, основач на ИТ-компанијата „Инфобип“, со богатство поголемо од 2,5 милијарди евра. По него следува Мате Римац, симбол на технолошката трансформација на хрватската економија.

Црна Гора и БиХ: помалку милијардери, но силни играчи

Во Црна Гора, најбогат е Иван Убовиќ („Бемакс“), а веднаш зад него е Драган Бокан („Воли“). На листата се најдоа и Комнен Лаковиќ и Ристо Дрекаловиќ.

Во Босна и Херцеговина, најбогат човек е Сенад Џамбиќ, сопственик на „Бинго групацијата“, со богатство нешто над една милијарда евра, што го позиционира меѓу првите 25 во регионот.

И спортот меѓу милионерите

Интересно е што меѓу најбогатите се најдоа и двајца спортисти – тенисерот Новак Ѓоковиќ и кошаркарот Никола Јокиќ, што укажува на растечката финансиска моќ на спортот во регионот.

Како е составена листата

Листата е изработена од финансиски експерти поврзани со Њујоршката берза, користејќи меѓународни финансиски мултипликатори, анализи на пазарни трансакции и споредби со глобални компании.

Зачлени се на нашиот е-билтен