Кутијата на Пандора е сè уште отворена, особено во оваа 2026

Пандора

Зошто надежта е најголемото зло од сите? Затоа што е пасивна. Таа не бара дејство, туку чекање. Не повикува на отпор, туку на трпение. Не бара одговорност, туку уверување дека „некој друг“ ќе реагира.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Во 2025 година, која никако да заврши — еве ја, трае и во јануари 2026 — еден од најдобрите политички дијалози минатата година, веројатно, е овој што се случи во Белата куќа во Вашингтон (Дистрикт оф Колумбија), САД, во месец јуни. Ќе дозволите да го пренесам во целост:

„Дозволете да ве потсетам дека утре е 6 јуни. Тоа е годишнината од Ден-Д, кога Американците еднаш ја завршија војната во Европа.“
— германскиот канцелар Фридрих Мерц се обраќа на Трамп.

„Тоа не беше пријатен ден за вас.“
— Доналд Трамп, актуелен претседател на САД.

„На долг рок, господине претседателе, тоа беше ослободување на мојата земја од нацистичката диктатура.“
— германскиот канцелар одговара.

„Тоа е точно.“
— заклучува Доналд Трамп.

Она што е фасцинантно во разговоров е ставот на Фридрих Мерц и степенот на интелект со кој, како човек, ги прераспределува историските наративи по сè што има поминато неговата земја. Воодушевен од него, морам да признам, никако од глава не ми излегуваат балканските омрази и вековните конфликти околу мапите на царствата и империите, како и желбата сите „јунаци“ на крај да бидат и нечии и ничии.

Човекот кој е канцелар на Германија во 2025 година укажува дека неговата земја, за време на Втората светска војна, била ослободена од нацистичка диктатура.

И токму овде некаде доаѓа надежта — како најтивкото, или можеби последното зло од кутијата на Пандора, кое уште стои внатре, и со кое се лажеме дека сепак има надеж за човештвото — сè додека некои земји имаат силни лидери како Мерц.

Пред Библијата, или Стариот завет, во светот на човекот ја имаме митологијата на Олимп, односно неговите божества, „родени“ во една голема цивилизација — хеленската, чии корени се втемелени во модерните општества. Интересен за денешните состојби во светот е митот за Пандора и, да сум јасен, овде нема мизогинија, туку обид да се раслојат митолошките елементи како состојба во даден историски момент.

Во светот на луѓето, пред боговите од Олимп да ја создадат Пандора, не постоеле жени — имало само мажи. Човечкиот свет сè уште не бил човечки; тоа бил свет без раѓање, без наследство и без иднина. Луѓето постоеле, но не се размножувале; живееле, но не продолжувале. Немало мајки, ниту деца; немало љубов, но немало ни загуба. Тоа не бил рај — туку, да речеме, биолошка пауза: замрзнат поредок без историја.

Во таа митологија, тој свет се нарекувал и „златно доба“ од страна на античките хроничари, но не во форма на среќа, туку стагнација: нема болка, затоа што нема време што боли; нема смрт како трагедија, затоа што нема живот како приказна.

Се појавил Прометеј и на луѓето им го подарил огинот. И тогаш боговите (Зевс и екипата од Олимп), налутени на овој момент или од страв дека  луѓето го добиле огнот — а со него и знаењето, техниката и можноста сами да одлучуваат што е прекршување на космичкиот поредок: боговите горе, луѓето долу – решиле да им дадат сè на луѓето или не ги казниле смртт, туку со живот што мора да се живее свесно, со болка, избор и одговорност.

Човештвото ја добива Пандора со подароците спакувани во еден керамички сад. Името Пандора доаѓа од старогрчкото pan (сè) и dōron (дар) — „подарок од сите“.

Подарокот не е жената Пандора. Подарокот на боговите се сите зла ставени во садот што го носи Пандора — замислени како казна за луѓето, но воедно и прекрасни, привлечни, заводливи и опасни. Денес тој керамички сад го нарекуваме — Пандорината кутија.

Пандора на светот му ги воведува разликите, желбата, раѓањето, стареењето и вината. Започнало времето, а човештвото до ден-денес ја плаќа цената. Пандора не била, или не е, мајка на човештвото — таа е вратата што го започнува целиот живот. Пред неа имало живот без последици. По неа, започнува животот со долг, со болка и со смисла. Боговите не ја испраќаат како благослов, туку како прекин на вечната удобност.

И сега, во митот за Пандора, сите зла излегуваат во светот одеднаш од тој нејзин керамички сад: болка, болести, глад, војни. Последна, затворена во садот, останува надежта. Овде, искрено, и јас — долги години — имав проблем да си објаснам: дали надежта е добра работа во смисла на утеха, подарок, спас, или пак обратно — надежта не е лек, туку отров кој нема крај?

Зошто надежта е најголемото зло од сите? Затоа што е пасивна. Таа не бара дејство, туку чекање. Не повикува на отпор, туку на трпение. Не бара одговорност, туку уверување дека „некој друг“ ќе реагира.

Историските лекции се интересна работа, особено по одредена временска дистанца. Така што, верувам, најчестото прашање за секој од нас кога сме учеле за периодот на национал-социјализмот во Германија пред Втората светска војна било: „Добро, немало ли кој да застане? Немало ли кој да им каже — стоп — на Хитлер и неговите следбеници?“

Имало. Но биле малку, бидејќи повеќето се надевале дека другите ќе им ја завршат работата со што ја претвориле својата морална обврска во „надеж“.

Се надевале дека екстремизмот е привремен.
Се надевале дека институциите ќе реагираат.
Се надевале дека соседот ќе стане прв.
Се надевале дека не е толку страшно.
Се надевале дека ќе помине.
Се надевале дека интелектуалците ќе проговорат.
И дека народот ќе се разбуди.

Да се разбереме: во антиката, надежта не ја сметале за врвна вредност. Доблести биле храброста, разумот, одговорноста и дејствувањето. Надежта без дејство била слабост. Не ја славете надежта, бидејќи таа е удобна — како што бил светот пред Пандора, без љубов.

Прашање за крај: Дали надежта била оставена последна во кутијата на Пандора — не како спас, туку како тест и дали човекот ќе продолжи да чека?

Или, можеби и се лажам — од навика — дека сепак има надеж!

Зачлени се на нашиот е-билтен