Вонредна состојба е прогласена на територијата на девет општини во Србија, меѓу кои и на целата територија на градовите Лозница и Ваљево, како и во општините Осечина, Мали Зворник, Крупањ, Владимирци, Мајданпек, Сјеница и дел од општина Пријепоље, соопшти денеска Секторот за вонредни ситуации при Министерството за внатрешни работи на Србија.
Од почетокот на снежните врнежи, на 4 јануари, до денеска во 6 часот наутро, Секторот за вонредни ситуации реализирал вкупно 72 интервенции. Ангажирани биле 175 пожарникари-спасувачи со 77 возила, 19 пумпи и три чамци, пренесува РТС.
Најголемиот дел од интервенциите се однесувале на отстранување паднати дрвја, вкупно 45 случаи, како и на испумпување вода и асистенција на екипите на итната медицинска помош. Од 4 јануари досега евакуирани се 30 лица.
Помошникот началник на Управата за противпожарно-спасувачки единици при Секторот за вонредни ситуации, Давор Видовиќ, изјави дека и понатаму постојат сериозни проблеми во снабдувањето со електрична енергија во Мачванскиот, Колубарскиот, Златиборскиот, Моравичкиот и Борскиот управен округ.
Тој истакна дека патиштата од прва и втора категорија во Србија се проодни, но дека на одредени делници сè уште има снежна покривка до пет сантиметри, која е во расквасена состојба.
„Сите расположливи сили на секторот се на терен. Се обиколуваат критичните точки и потенцијалните ризични локации. Граѓаните и понатаму непотребно се упатуваат кон делови што не се расчистени, па често интервенираме за извлекување возила заглавени во снег. Само во последните 24 часа имавме околу 70 интервенции, од кои дури 43 биле поврзани со пожари“, нагласи Видовиќ.
Во Лозница дел од граѓаните веќе седми ден се без електрична енергија. Како што информираат надлежните, откако ќе се санира еден дефект, се појавува нов. Според податоците на Секторот за вонредни ситуации, вчера во текот на денот без струја биле делови од 15 општини, меѓу кои Ваљево, Осечина, Шабац, Лозница, Мали Зворник, Љубовија, Крупањ, Бор, Кладово, Неготин, Ужице, Косјериќ, Пожега и Чајетина, како и целата општина Мајданпек.
Во текот на вечерните часови струјата почнала постепено да се враќа во Мајданпек и во некои села во општина Мионица, пренесува РТС.