Протестите во Иран не запираат: Најмалку 65 загинати, илјадници уапсени и интернет-блокада

Протестите во Иран продолжуваат и по две недели, и покрај жестокиот репресивен одговор на властите, а бројот на загинати достигна најмалку 65 лица, додека повеќе од 2.300 луѓе се уапсени, соопшти американската организација Human Rights Activists News Agency.

Немирите, кои започнаа на 28 декември поради драматичниот пад на иранскиот ријал и економската криза предизвикана од меѓународните санкции, брзо се проширија низ целата земја и прераснаа во отворени повици за укинување на исламската теократија.

И покрај тврдењата на иранската државна телевизија дека ситуацијата во поголемиот дел од градовите е под контрола, видеоснимки објавени на интернет и потврдени од агенцијата АП покажуваат илјадници демонстранти на улиците на северен Техеран, каде се слушале и повици „Смрт за Хамнеи“.

Иранските власти признаа дека има загинати и меѓу безбедносните сили. Полуофицијалната агенција Фарс објави снимки од надзорни камери на кои се гледаат вооружени судири, палење објекти и фрлање молотови коктели во градови како Исфахан. Државните медиуми тврдат дека демонстранти убиле припадници на доброволечката формација Басиж и полицијата во повеќе провинции.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, најави дополнително заострување на мерките, и покрај предупредувањата од САД. Во меѓувреме, властите целосно го прекинаа интернетот и меѓународните телефонски врски, дозволувајќи ограничено известување само на одбрани државни и полудржавни медиуми.

Во егзил, поранешниот престолонаследник Реза Пахлави ги повика граѓаните да продолжат со протестите и да излезат на улиците со старата иранска застава со лав и сонце – симбол од периодот пред Исламската револуција во 1979 година.

Протестите се одвиваат во услови на длабока економска криза, при што вредноста на иранскиот ријал падна на повеќе од 1,4 милиони ријали за еден американски долар, што дополнително го зголеми незадоволството кај населението.

Зачлени се на нашиот е-билтен