Јавниот превоз во Скопје може привремено да биде сериозно редуциран поради најавениот студен бран и снежните врнежи, информира ЈСП „Скопје“. Од претпријатието предупредуваат дека дел од автобусите можеби нема да сообраќаат по целите траси доколку улиците станат небезбедни и непроодни.
Според соопштението објавено на официјалниот фејсбук-профил на Град Скопје, во услови на снег и мраз, одредени автобуски линии ќе сообраќаат само до точки кои ќе бидат проценети како безбедни, во согласност со проценките на надлежните служби.
Од ЈСП додаваат дека доколку временските услови дополнително се влошат и не постојат услови за безбедно одвивање на сообраќајот, ќе следуваат нови измени во јавниот превоз, а граѓаните ќе бидат навремено информирани.
Во случај на стабилизирање на времето, јавниот превоз ќе се одвива според редуцираниот делничен зимски возен ред, кој важи за време на зимскиот училиштен распуст.
Екипите на ЈСП, заедно со службите на Град Скопје и општините, ќе бидат на терен со механизација за навремено расчистување на улиците и обезбедување услови за безбедно движење на автобусите, со цел да се избегнат поголеми прекини во превозот.
Во меѓувреме, од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека попладнево во Скопје ќе има повремени врнежи од дожд и снег, кои во текот на ноќта ќе преминат во снег. Снежни врнежи се очекуваат и утре, што дополнително може да го отежне сообраќајот во градот.