Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Хрватска денеска го презема претседавањето со Јадранско-јонската стратегија на ЕУ

 Хрватска од денеска ќе го преземе претседавањето со Стратегијата на ЕУ за Јадранскиот и Јонскиот регион (EUSAIR), политичка рамка со 10 земји-учеснички, која првпат од нејзиното основање во 2014 година ќе се занимава со прекугранични социјални прашања.

Хрватска, која беше напуштена од 400.000 жители по влезот во ЕУ пред десет години, оваа тема ја иницираше со земји со иста демографска судбина.

Минатата недела во Сараево се одржа министерски форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранскиот и Јонскиот регион. Тоа е политичка рамка во која Европската комисија игра советодавна улога, а во неа учествуваат четири членки на Европската унија (Хрватска, Словенија, Италија и Грција) и БиХ, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Сан Марино.

Земјите на простор со 70 милиони жители моментално соработуваат во четири области: „Син раст“ (поврзан со морето), „Поврзување на регионот“ (изградба на автопати, гасоводи и патишта), „Квалитет на животната средина“ и „Одржлив туризам“.

Во иднина треба да соработуваат и на полето на социјалната заштита, што беше предлог на Хрватска кој беше прифатен од другите земји.

Земјите располагаат со 10 милиони евра од програмата на ЕУ, ИПА АДРИОН, за периодот од 2021 до 2027 година, така што дел од тие пари треба да се искористат за преквалификација на работниците, вклучување на постарите лица на пазарот на трудот, интеграција на пазарот на трудот за млади луѓе и други форми на обука и прекугранична размена на искуства.

Хрватскиот министер за труд и социјална политика, Марин Пилетиќ, вели дека Хрватска веќе има свои алатки за борба против невработеноста, како што е програмата „Посакај – програма за вработување на жени“, преку која невработените жени се вклучуваат на пазарот на трудот на начин на кој им се плаќа за посета и грижа за стари лица во нивните куќи.

Пилетиќ вели дека Хрватска веќе има голем број други програми за прекугранична соработка со Србија, БиХ и Црна Гора и дека со оваа иницијатива сака да ги подобри социјалните права „во оние земји кои се на пат кон ЕУ“.

„Во време кога Хрватска увезува странска работна сила, пред се од соседните земји, сакаме да придонесеме за нив преку подобрување на социјалните права, особено за нивните ранливи групи“, рече тој.

Италија, која исто така се соочува со демографски дефицит и доаѓање на неевропски мигранти, ја поддржува социјалната заштита како петти столб на оваа политичка рамка.

Росела Руска, одговорна за фондовите на ЕУ во италијанската влада, смета дека земјите-кандидати за влез во ЕУ со тоа ќе ги добијат алатките што постојат во ЕУ, а сите земји ќе ја усогласат методологијата на работа во социјалните прашања и ќе разменуваат информации.

Жил Кител, задолжен во Европската комисија за спроведување на јадранско-јонската стратегија, чија политичка цел е приближување на земјите од Западен Балкан до членство во ЕУ, вели дека „голем предизвик за овие земји е “одливот на мозоци“ и невработеноста кај младите.

„Затоа социјалната сигурност е важна, како петти столб на нашата стратегија. Целта е луѓето да останат во овој регион, да се подобрат условите за вработување“, додава Кител.

Зачлени се на нашиот е-билтен